Воздухот во Трубарево, по пожарот во складот за опасен отпад, има мало загадување кое е во рамките на нормалата за урбана средина покажале анализите на лабораторијата „Амбикон“ во штипскиот универзитет. Мерењата се спроведени во периодот од 14 до 18 септември, односно почнаа еден ден по пожарот, а мерните места се на 50 и 150 метри од локацијата на пожарот односно во дворот од основното училиште во Трубарево.
„Не се забележуваат некои невообичаено високи концентрации на ниту еден од анализирате елементи вклучително и на регулираните метали кои се предмет на интерес како никел, кадмиум олово. Генерално се вообичаени вредности .Состојбата со квалитетот на воздухот е нормализирана ако може така да го дефинираме, за оценка согласно законските регулативи потребен е подолг период на мониторинг но за очекување е дека воздухот не е тој медиум кој има претрпено последица. Најверојатно по пожарот дисперзијата на тие гасовни честички е завршена“, вели Дејан Мираковски, ректор УГД – Штип.
Мираковски е дециден дека со петдневно мерење на квалитетот на воздухот не може да се направи квалитетна оценка и затоа препорачале мониторингот да продолжи. За него е клучно при процесот на чистење на отпадот зафатен со пожар да се запазат сите безбедносни мерки и да се следи состојбата со квалитетот на воздухот.
„Дополнителните анализи важни за потврдување на зоната на контаминација и за безбедноста на граѓаните се анализи на земјата и на водите односно подземните и површински води во регионот“, додава Дејан Мираковски, ректор УГД – Штип.
Од министерството за животна средина најавија дополнителни испитувања за утврдување на евентуално загадување на почвата во Трубарево. Во петокот и министерството за животна средина ги соопшти резултатите од мерењата кои покажаа дека имало дванаесет пати повеќе од дозволената количина на кадмиум во саботата околу 20 часот во столбовите чад од депонијата во Трубарево, чад кој ветрот го носеше кон Скопје и го покри градот.
Од дозволените максимални 0,5 нанограми олово на метар кубен апаратите на акредитираната лабораторија „Еуромак“ измериле 0,75 нанограми, 8,9 нанограми арсен наместо дозволените максимални 6 нанограми и опасната бројка од 59 нанограми кадмиум на метар кубен што е 12 пати повеќе од максимално дозволените 5 нанограми.
Количината на никел во воздухот е во дозволените граници а има и речиси двојно поголема количина на ПМ 10 честичките од дозволените 50. Обвинителството отвори истрага за кривично дело „Загрозување на животната средина и природа со отпад“ со која се опфатени фирмата „Ф групација“, Марјанчо Дамевски сопственик на компаниите „Нула отпад“ и „Ле Ман“, неговата ќерка Лора Дамевска и уште две лица. За Дамевски е триесетдневен притвор додека на останатите осомничени им е изречена мерката куќен притвор.
Огнен Чанчаревиќ











