Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Поразот на изборите за Филипче е колективна одговорност

/

пред 345 дена

Сподели преку :

Поразот на локалните избори за претседателот на СДСМ е колективна, а не лична одговорност. Венко Филипче ги разбира емоциите на членството кое бара негова оставка, но нема намера да ги послуша.

„И за пораз и за победа никогаш не е на еден одговорноста, секогаш е колективна. Имаше општини каде што СДСМ имаше добри резултати. Јас сум задоволен, зголемување на гласовите споредбено со лани од 40 до 100 проценти. И тука покажавме добра партиска работа, консолидација и заедништво. За жал има и други општини каде што тоа не се случи. Јас ги разбирам негативните емоции, разговарам со многу луѓе, ги следам негативните реакции на социјалните медиуми и сметам дека се реакции на неисполнети очекувања“, рече Филипче.

Кадровските промени нема да се случат неделава, како што најави, ќе му треба повеќе време за одлуките. Паралелно работи и на проширување на опозициската платформа, за која вели дека е отворена за сите партии и граѓански организации кои сакаат да придонесат кон заедничка стратегија против власта. Смета дека тие се единствената политичка сила што може да се соочи со ВМРО-ДПМНЕ и затоа им е потребен поширок, посилен и поорганизиран фронт. Тоа, вели, е една од лекциите што ги научиле од локалните избори.

Во партијата засега нема нови оставки, откако партиските функции ги напуштија потпретседателката Ана Чупеска и претседателот на општинската организација во Ѓорче Петров, Костадин Ацевски.

Полека стигнуваат промените и во ДУИ кои, исто така, претрпеа голем пораз на изборите. И таму се најавува смена на долгогодишните кадри на раководни функции, но засега само пратеникот Блерим Беџети се повлече од функцијата координатор на пратеничката група на Европскиот фронт, а истото го направи и заменик координаторката Арбана Пашоли. Функцијата координаторка ќе ја преземе пратеничката Рина Ајдари, а заменик координаторка ќе биде Дијана Тоска.

Поддржувачите на партијата и овде јавно бараат оставки од целото раководство освен од Али Ахмети.

Сите партии најавија и конгреси. ДУИ до 20 декември, ВМРО-ДПМНЕ на 6 декември, а СДСМ немаат прецизен датум, но се очекува постизборното прочистување во партиите да заврши до Нова година.

По ова е најавена и реконструкција на владата, а е можно и прекројување во Собранието, со цел да се обезбеди Бадентерово мнозинство.

Далиборка Демјанска Цветановска