Инфлацијата е отсекогаш тема, бидејќи кога има бавен раст на цените тоа значи дека економијата не е динамична.
„Сите тогаш се жалат и велат влегуваме во дефлација. Дефлацијата е полоша од инфлација. Тука централните банки на САД и ЕУ како цел им е просечната стапка на инфлација во период од три до пет години во просек да изнесува 2%. До пред две години тоа беше да не надминува 2%. Што укажува на тоа дека економијата циклично се развива и од тој аспект во некои периоди ќе има забрзување на инфлација, во некои периоди ќе има успорување, но не да доведе до нулта инфлација, или до негативна инфлација, и не до инфлација која е значително повисока од 2%“ вели Глигор Бишев, поранешен претседател на фискалниот совет.
Иако најголемиот извоз на добра од Македонија се извезува во еврозоната, сепак имаме високи стапки на инфлација.
„Инфлацијата има одредена резистентност во намалувањето и разлика кога доаѓа до забрзување на инфлацијата тоа оди доста брзо, скоро инстантно, кога има успорување на инфлација тогаш има резистентност. Тука вие како носител на економската политика особено централната банка не ви е вам проблем да ја соборите инфлацијата, бидејќи ќе ги зголемите брзо каматните стапки, ќе воведете монетарни рестрикции, ќе го намалите растот на кредитите и инфлацијата ќе се намали. Работата е да ја намалите инфлацијата без да предизвикате рецесија. Односно да не доведете до контракција на производството. И затоа во принцип носителите на економските политики и централните банки посебно се доста внимателни и проценуваат дали инфлацијата забрзува и се потребни дополнителни мерки на планот на кредитите, монетарните агрегати и каматните стапки да се зголемат, или со постојаното ниво на каматните стапки вие ќе успеете да ја спуштите инфлацијата, на страна на производството тука да не се влијае на негово намалување, или барем минимално намалување“, објаснува Бишев.
Европската централна банка од февруари минатата година до денес ги намали каматните стапки за 2-3 пати, Централната Банка на Република Македонија ја чуваше каматната стапка непроменета. Што значи дека Централната банка го успори намалувањето на каматните стапки за да ја собори инфлацијата. Секој лек има и споредни ефекти. Бишев верува дека државата ќе ја собори инфлацијата и дека нема да дојде до создавање на инфлаторните очекувања.
Тој истакна дека економската политика треба да се гледа во поширок контекст. Целта е да се има висок економски раст, зголемен животен стандард, стабилни цени, стабилен девизен курс и стабилен биланс кои на долг рок се хармонизирани, додека на краток рок се конфликтни.
Т.Д.











