Макпетрол АД Скопје ја доби наградата за акција со најголем пораст во 2025 година на манифестацијата во организација Македонската берза преку која се оддава признание за најдобрите остварувања на домашниот пазар на хартии од вредност во тековната година. Порастот на акцијата на компанијата во 2025 година е 23,94 отсто.

Наградата за акција со најголем промет ѝ припадна на Комерцијална банка, додека признанието за акција со најголем пораст на промет го доби Стопанска банка АД Скопје.
Во категоријата за остварувања на овластени учесници на македонски пазар на хартии од вредност, Еурохаус АД Скопје ја доби наградата за бронзена членка, Илирика Инвестментс АД Скопје сребрена, а Комерцијална банка АД Скопје златна.

Наградата за придонес во областа на едукација и развој на пазарот на хартии од вредност ја понесе Bloomberg Adria.
Признанието за најтранспарентно котирано акционерско друштво „Кристално ѕвоно“ по избор на пазарните учесници беше доделено на Комерцијална банка АД Скопје, а по избор на медиумите наградата ја доби Реплек АД Скопје.

Посебни признанија за добри ESG практики беа доделени на А1 Македонија ДООЕЛ, Алкалоид АД Скопје, Атлантиц ГРАНД Скопје ДОО, НЛБ Банка АД Скопје и ТИТАН Усје АД Скопје.
Годишните награди Македонска берза ги доделува од 2021 година за котираните компании, членките на Берзата и други субјекти поврзани со македонскиот пазар на хартии од вредност.
С.Д.











