Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Поништен огласот за прием на идни судии и обвинители

/

пред 292 дена

Сподели преку :

Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО) го притисна копчето за поништување на последната генерација судии и јавни обвинители која заглави уште на приемниот испит во предизборието во 2024-та година.

Ова прашање кое долго време се провлекуваше на седниците на УО на Академијата и од претходниот и од актуелниот состав, вчера го затвориле со одлука да се поништи јавниот оглас за прием на 130 слушатели во почетна обука во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ за 2023-2024 година. На прашање на Телма, од Академијата ги посочија необезбедените финансии меѓу клучните причини.

„Образложението за причините за донесената одлука на УО ќе биде содржана во писмено изготвената одлука која ќе биде објавена на веб страницата на Академијата во текот на наредната недела. Генерално, причините се променетите услови во законите, укинување на финансиска согласност, а потоа и необезбедени финансиски средства“, одговорија од АСЈО.  

Академијата, чија основна цел е да обучува нови судии и обвинители, е без студенти од крајот на минатата година, кога заврши осмата генерација. Последиците ќе се почувствуваат во наредните години. За да излезе нова генерација на судии и обвинитeли потребни се најмалку две до три години, а земјава веќе се соочува со голем недостаток што беше нотирано и во извештајот на Европската комисија. Недостасуваат 270 судии, а тоа влијае врз ефикасноста во судството.

Огласот за прием на 130 нови академци беше распишан во јануари во 2023 година. Една од пречките беше истечениот тендер за софтвер за електронско полагање, поради што се менуваше законот за да може кавлификацискиот тест да го полагаат во хартиена форма. Приемните испити го зафатија и предизборието во 2024 година.

По претставка на тогашната кандидатката за претседател Гордана Сиљановска Давкова, Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) донесе одлука дека приемниот да се стопира, со образложение дека постапката завршува со вработување, а тоа е спротивно на изборниот законик. Одлуката ја потврдија и управните судови.

Но, и по изборите, оваа генерација остана заглавена. Новата влада ги запре сите постапки за вработување од претходно, а Академијата од тогаш бараше финансиски средства и соопштуваше дека не ги добила.

Елена Ивановска Мукоска