Во организација на Здружението „Бадникови поворки“ утре ќе се одржат Бадниковите поворки, најголемата народно-културна и духовна манифестација во Македонија, посветена на радосното и достоинствено најавување на Христовото Рождество – Божик.
Годинава, Бадниковите поворки ќе се реализираат во рекордни 80 градови и населени места низ Македонија, како и во македонската дијаспора во Словенија, Италија, Австрија, Франција и Соединетите Американски Држави, обединувајќи илјадници деца, семејства и заедници во духот на светлината, радоста и заедништвото.
Централната Бадникова поворка во Скопје ќе обедини учесници од речиси сите скопски општини, заедно со нивните градоначалници, кои и оваа година активно ќе учествуваат во организацијата на настанот.
Формирањето на поворката ќе започне пред Музејот на Град Скопје од 11:30 до 12:00 часот, каде што на сите деца кои немаат ѕвездичка бесплатно ќе им биде подарена Божикна ѕвезда, а сите учесници ќе добијат и уметнички магнет со божикна порака – симболичен спомен од Бадникови поворки 2026.
Точно во 12:00 часот, поворката пеејќи ја песната „Вечниот Бог“ ќе тргне по улицата „Македонија“ и ќе пристигне на плоштадот „Македонија“, пред сцената кај Божикната пештера.
Како кулминација на манифестацијата, ќе биде изведена „Божикна авантура“, голема музичко-сценска изведба во живо со учество на над 40 музичари, актери, пејачи и „Златно славејче“, која преку музика и симболика ќе донесе силни емоции и празнична радост за сите генерации.











