Обилните врнежи од дожд предизвикаа поплави и одрони во неколку региони, информира Центарот за управување со кризи. Најкритична е состојбата во Кичево, каде што се поплавени повеќе станбени објекти на улицата „Прилепска“ и во тек е евакуација на жители, со ангажирани сите надлежни служби.
Поплави се пријавени и во Охрид, каде што вода навлезе во подруми, гаражи и дворови, а одрони го отежнуваат сообраќајот на патиштата Гостивар–Стража и Тетово–Бањиче. Во Струшко и гостиварско евидентирани се и излевања на неколку реки, при што е поплавено земјоделско земјиште и дворови.
Од ЦУК велат дека состојбата постојано се следи, врнежите продолжуваат, но во поголем дел од државата нема нарушување на безбедноста. Надлежните апелираат на внимателно движење и почитување на препораките на институциите.












