Вевчанскиот карневал, стар повеќе од 1400 години, традиционално ќе заживее за празникот Василица. Од 12 до 14 јануари ќе се случи уште едно издание, што ги поврзува паганските и христијанските обичаи. Покрај дефилето под маски на 13 јануари напладне и василичарското оро и палењето на маските ден потоа, забавата, поттикната од исмевањето на негативните општествени појави преку маските, е дополнета со музичка програма. Меѓу изведувачите во забавниот дел е рап групата „ Пука козметика“ , која годинава одбележува 3 децении постоење и ќе настапи на карневалот повторно по 14 години, кажа еден од членовите. А, градоначалникот на Општина Вевчани упати покана до сите македонски граѓани да дојдат, и рече дека вевчанци ќе ги пречекаат со љубов.
- Сакам да ве поканам овие денови кога Вевчани се отвора со љубов, кога Вевчани е отворено за забава. Убава атмосфера, да се исчистиме од онаа негативна енергија што сме ја имале во претходната година и да влеземе во новата година со позитивна енергија, кажа Спасе Кочовски, градоначалник на Општина Вевчани.
- Веќе 14 години, прв пат имавме можност да го видиме Вевчани и да настапиме во забавната програма. И од тогаш, таа некоја врска, некоја љубов постои. За последниве години да нема сила што би не одделила да не сме присутни таму. Ќе започнеме со некои постари наши песни и ќе привршиме со нешто што го издадовме минатата година. А, тоа е синглот „ Рап ветерани“, вели Дарко Масларковски, член на „ Пука козметика“.











