Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека САД треба да го „поседуваат“ Гренланд, за да ги спречат Кина и Русија да го направат тоа.
„Земјите мора да имаат сопственост и таа сопственост се брани, не се бранат закупи. А ние ќе мора да го браниме Гренланд“ – изјави Трамп.
Трамп дод аде дека САД ќе го преземат островот „на лесен начин или на тежок начин“.
Белата Куќа претходно навести дека администрацијата на Трамп ја разгледува можноста да ја купи оваа полу-автономна територија од Данска, земјата која треба да важи за сојузник на САД во НАТО, но истовремено не се отфрла ниту можноста да се анектира островот со употреба на сила.
Данска и Гренланд подвлекоа дека островот не е за продажба. Властите во Копенхаген оценија дека секоја воена акција би претставувала крај на транс-атлантската алијанса.
Иако е најретко населената територија на планетата, местоположбата на Гренланд меѓу Северна Америка и Арктикот, го прават ова острово идеално за поставување системи за рано предупредување во случај на ракетни напади и за следење на движењето на бродовите во регионот.
Трамп постојано повторува дека Гренланд е од витално значење за националната безбедност на САД, тврдејќи, секако без апсолутно никакви докази, дека островот е „преполн со руски и кинески бродови“.
САД веќе имаат повеќе од 100 војници кои се постојано распоредени во базата Питуфик во северо-западниот дел на Гренланд, воена инсталација која САД ја контролираат уште од периодот на втората светска војна.
Според постојните договори со Данска, САД имаат можност да распоредат и дополнителен број војници на Гренланд.
Но, за Трамп договорот за закуп на островот едноставно не е доволен.
„Државите не може да склучуваат договори на 9 години или дури и на 100 години“, изјави Трамп, додавајќи дека неопходно е земјите да имаат сопственост.
„Го сакам народот во Кина. Го сакам и народот во Русија. Но не сакам да ми бидат соседи во Гренланд. Тоа нема да се случи. И патем, сакам да додам дека и НАТО мора да го разбере тоа“ – изјави Трамп.
Сојузниците на Данска во НАТО, најголемите европски држави, како и Канада, излегоа со јавни реакции на поддршка на оваа скандинавска земја, повторувајќи дека само Данска и Гренланд може да одлучуваат за прашањата поврзани со нивните односи.
Подвлекувајќи дека и тие како САД се заинтересирани за безбедноста во Арктикот, порачаа дека таа цел мора да биде постигната со сојузниците, вклучувајќи ги и САД, на „колективен начин“.
Трамп и во својот прв мандат, понуди да го купи островот во 2019-тата година, но му беше кажано дека островот не е за продажба.
Американскиот државен секретар, Марко Рубио, ќе ја посети Данска наредната недела, каде се очекува да разговара за територијалните амбиции на шефот на американската држава.
Во последните години исто така имаше и зголемен интерес во природните ресурси на Гренланд, вклучувајќи ги ретките минерали, ураниумот и железото, кои сега веќе стануваат полесно достапни, откако мразот почна да се топи заради климатските промени. Научниците веруваат и дека на островот има значителни резерви нафта и гас.
Никола Илиевски











