Смртоносниот биланс од режимскиот одговор на протестите во Иран драматично се зголеми. По првичните проценки за над 100 убиени и повеќе десетици ранети, денеска од исламската република доаѓаат нови податоци за драматично поголем број човечки жртви.
„Најмалку 538 лица се убиени во операциите на безбедносните сили во текот на протестите ширум Иран и повеќе од 10 600 луѓе се приведени. Ова е според организацијата со седиште во Иран, позната како Активисти за човекови права новинска агенција. Оваа група беше прецизна во проценките во повеќето немири и безредија во Иран во минатите години и тие се повикуваат на активисти од терен во Исламската република, за да ги проверат бројките за смртни случаи и апсења кои се случуваат“ – вели Џон Гамбрел од Асосијејтед Прес.
Неофицијално, во протестите биле убиени и повеќе десетици припадници на безбедносните сили лојални на Ајатолахот Али Хамнеи.
Протестите низ целата држава не запираат и покрај сѐ поголемото насилство од страна на режимските сили и стравувањата се дека и бројот на загинати ќе продолжи дополнително да се зголемува.
Демонстрантите и во текот на минатата ноќ повторно излегоа на улиците во Техеран, Машад и другите градови во Иран, иако јавниот обвинител на Иран се закани дека секој човек кој ќе протестира ќе се смета за „непријател на Господ“- кривично дело кое во исламската република се казнува со смртна казна.
Протестите започнаа заради растечката инфлација во државата и се потешката економска состојба, но демонстрантите се погласно повикуваат и на крај на теократскиот режим и неограничената власт на врховниот верски лидер, 86-годишниот Ајатолах Али Хамнеи.
Спикерот на иранскиот парламент, денеска и се закани со жестока одмазда доколку Соединетите држави го нападнат Иран.
„Имам и порака до заблудениот американски претседател. Внимавајте дека советот кој ви го даваме да не го напаѓате Иран, не е од ист вид, како консултациите по кои тврдевте дека градот Машад паднал. Затоа, за да не правите грешки, ве предупредуваме дека доколку преземете акција и го нападнете Иран, во исто време и окупираните територии (Израел) и сите воени центри, бази и бродови на САД во регионот, ние ќе ги сметаме за легитимни цели“ – се закани спикерот на Иранскиот парламент, Мохамед Багер Калибаф.
Трамп уште пред неколку дена најави дека САД ќе го нападнат Иран „многу силно“, доколку властите започнат да ги убиваат граѓаните кои протестираат.
Американскиот претседател и синоќа, на својата социјална мрежа Truth Social, напиша дека Иран како никогаш досега бара слобода а САД се подготвени да помогнат.
Никола Илиевски











