Акцискиот план за малцинствата не е документ за бугарското малцинство, туку е документ за подобрување на малцинските права на сите заедници во државата. Ова го изјави министерот за надворeшни работи и надворшена трговија Тимчо Муцуски, коментирајќи до каде е процесот околу акцискиот план, кој според македонските власти бил оспорен само за Бугарија и тоа, пред сè, поради македонскиот јазик, на кој Софија го добила документот. Муцунски информираше дека во моментот се анализираат сите забелешки стигнати од сите заедници во земјава, но и од Бугарија за да се види кои од нив се објективни и можат да се имплементираат за да влезат во документот.
„И мене тоа што ме разочарува е начинот на којшто Бугарија одлучува да комуницира по оваа тема. Фактот дека голем дел од забелешките коишто доаѓаат од нив не се забелешки дадени во добра верба и не се забелешки коишто ја имаат во основата објективната состојба или објективаната слика за состојбите поврзани со малцинските права во рамките на нашата држава. Има една тенденциозност во настапот на Бугарија“, рече Муцунски.
За тоа дали сите забелешки на Бугарија би биле прифатени, доколку таа покаже дека македонскиот јазик, еден од двата јазика на кој е подготвен документот, не ѝ е спорен, како што изјави премиерот Христијан Мицкоски пред една недела, Муцунски вели дека само применливи забелешки можат да влезат во документот. Тој притоа информираше дека меѓу забелешките кои стигнале на документот има објективни кои можат да се вметнат, но и тенденциозни и субјективни.
„Мораме да разграничиме меѓу тоа што можеме да го примениме и тоа што не можеме да го примениме, бидејќи утре ќе го објавиме овој документ. И замислете во него има нешто кое што оваа држава не може да го примени. Истата Бугарија ќе спори пред ЕУ дека не напредуваме по основ на акцискиот план за малцинства“, рече Муцунски.
Муцунски притоа вели дека поради тоа мора да се внимава, бидејќи ваквите документи создаваат обврски и за државата и за нејзините институции.
Тамара Грнчароска











