Британскиот регулатор за медиуми Офком отвори официјална истрага против платформата Икс на Илон Маск поради користењето на алатка на вештачка интелигенција Грок за изработка и дистрибуција на манипулирачки, сексуални фотографии на жени, пренесува Гардијан.
Одлуката следуваше по јавното и политичко негодување поради големиот број на фотографии кои беа креирани со помош на алатката што е интегрирана со платформата Икс, додава Гардијан.
Офком го истражува Икс според законот за сигурност на интернет, кој предвидува низа на можни санкции за негово кршење. Казните за најсериозните злоупотреби може да вклучуваат забрана на апликации и веб страници на територијата на Обединетото Кралство.
„Одлучивме да отвориме официјална истрага за да утврдиме дали Икс пропушти да ги исполни своите законски обврски кон законот за сигурност на интернет“, соопштија од Офком.
Од Офком изјавија дека извештаите за користење на Грок за создавање и споделување нелегални интимни слики без согласност и сексуално злоупотребување на деца на Икс се длабоко загрижувачки. Платформите мора да ги заштитат луѓето во Обединетото Кралство од незаконска содржина, и доколку постои сомнеж дека компаниите не ги исполнуваат своите обврски, регулаторот мора да истражи.
Компаниите се обврзани да имаат системи за спречување на материјали кои имплицираат сексуална злоупотреба на деца, и да ги отстрануваат брзо доколку се појават на платформите.
Офком соопшти дека итно стапил во контакт со Икс уште минатиот понеделник во врска со овие загрижености. Сепак, по одговорот на Икс и чекорите што компанијата тврди дека ги презела, Офком отвори истрага и случајот ќе се третира како итен.
Грок е интегриран во Икс, а неодамнешното ажурирање на алатката овозможи корисниците да ги „соблекуваат“ фотографиите од облечени жени и деца, така што тие изгледаат како да носат бикини и се прикажани во сексуално сугестивни пози.
Пратеничката од Лабуристичката партија, Џес Асато, која води кампања против таканареченото дигитално „соблекување“ изјави дека злоупотребата сè уште продолжила кон неа дури и во понеделник наутро. Таа рече дека експлицитни и понижувачки слики се создаваат со Грок која може да се користи и одделно од Икс, како и со други апликации за вештачка интелигенција и потоа се објавуваат на платформата, бидејќи таа јавно зборувала против платформата на Маск.
Таа изјави дека засега се работи за бикини-слики креирани со Грок, но и дека некој направил слика од неа како традиционална домаќинка со огромен бремен стомак со порака дека тоа е нејзината улога и дека треба да биде машина за раѓање деца, што ја вознемирило дури повеќе од сликите во бикини.
Таа додаде дека илјадници луѓе ѝ испратиле навредливи пораки и обработени слики поради нејзината кампања за забрана на ваквата технологија, и нагласи дека самите корисници ѝ кажуваат дека сè уште можат да создаваат голи слики од жени и дека не мора ни да плаќаат за тоа, бидејќи многу луѓе можат бесплатно да го прават тоа преку апликацијата Grok.











