Македонската ракометна репрезентација стартуваше со пораз од Данска (36-24) на Европското првенство. Нашиот тим немаше многу шанси да му се спротивстави на најголемиот фаворит за златото и еден од ко-домаќините на турнирот, кој беше предводен од Питлик и Гидсел во нападот.
Во почетните минути натпреварот беше изедначен и резултатот гласеше 3-3, но потоа следуваа неколку технички грешки на Македонија и Данска направи серија 5-0 за да поведе со 8-3. Нашите ракометери имаа свои добри моменти и во неколку напади пропуштија шанса да намалат на -2, но Данска не дозволи понеизвесно прво полувреме. Домаќинот на паузата замина со 17-12.

Данска брзо ја крена разликата во вториот дел и во 43-тата минута веќе стана и двоцифрена со 27-17. Македонија немаше сили да направи нешто повеќе, бидејќи фаворитот стигна и до највисоки 12 разлика. Конечниот резултат беше 36-24.

Мартин Серафимов со шест голови беше најефикасен, по четири имаа Филип Кузмановски и Марко Митев. Мартин Томовски имаше четири интервенции. Кај Данска, Симон Питлик со девет голови беше најфикасен, а Матијас Гидсел постигна осум. Емил Нилсен на голот имаше 10 интервенции.
Во недела од 18 часот ќе се соочиме со вториот фаворит во групата, Португалија, додека во вторник го играме и третиот натпревар од групата со Романија исто така од 18 часот. Пласман во главната фаза на турнирот ќе обезбедат само првите две селекции од групата.











