За Денот на љубовта и виното – 14 февруари, Владо Јаневски и Бајага ќе одржат заеднички концерт во арената „Борис Трајковски“ за кој, како што велат, ќе трае повеќе од четири часа и ќе обедини на едно место различни генерации низ нивните безвременски хитови. Според најавата, вечерта ќе ја отвори Владо Јаневски со целосен концерт со својот бенд, по што сцената ќе ја преземат Бајага и Инструктори, исто така со целосен, самостоен настап.
„Мислам да ги споиш Бајага и Владо за Св. Валентин и Св. Трифун е нешто многу поголемо од концерт. Тоа е 40 хита во една вечер и тоа е празник. Едноставно ние сакавме да направиме музички празник за Св. Валентин и Св. Трифун“, изјави Бобан Милошески од Авалон Продукција.
„На прва, кога ќе се спомне Бајага, ми беше добра вибрација, затоа што сме другари, половина живот се знаеме, ем сме сличен сензибилитет, генерациски сме тука и секогаш сме имале добар муабет, добра енергија на бина. Сум бил гостин на некои други концерти и знам како изгледа да стоиш на бина со него“, рече Владо Јаневски.
„Мислам дека е добар повод Денот на вљубените, еден голем концерт кој долго ќе трае. Како што кажа и Владо и како што кажа и Бобан, ќе има најмалку 40 хитови од нас двајца и мислам дека за Денот на вљубените тоа не е лошо. И се радувам што ќе свириме, затоа што јас уште го славам јубилејот 40 години, јубилеј што го славам две години, но во Скопје не сум свирел голем концерт“, изјава Момчило Бајагиќ – Бајага.
Нина Стефанова











