Фрлената ракавица е прифатена, синдикатите и власта се најдоа на половина пат за дел од барањата.
Премиерот Мицкоски денеска кажа дека понудата е на маса за 7800 работници кои се дел од јавната администрација да добијат зголемување од 40 проценти на платата, во периодот од две години. За гранковиот синдикат во рамки на ССМ, УПОЗ, ова е прифатливо.
- „Ние сме подготвени, не е важно каде ние ќе појдеме и ќе го потпишеме тоа. Понудата е тоа, ставена е на маса и доколку се прифати од нивна страна и нема никаков проблем тогаш и овие 7700-7800 државни службеници и административци, ќе добијат за две години и два месеци од денеска минимум 40% повисоки плати“, изјави Христијан Мицкоски, претседател на Владата на РС. Македонија.
Претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски, вели дека ова било прифатливо за нив уште пред една година и велат – ова не е понуда на Владата, туку барање на синдикатот од 2025 година.
Сега останува и дилемата дали синдикалниот потпис ќе го забрза процесот и за минималната плата и растот на останатите плати, или тоа прашање ќе продолжи да виси во неизвесност.
- „УПОЗ за оној мандат што ми е даден на мене од страна на членовите на УПОЗ, го прифаќа овој предлог. И овој предлог беше прифатлив уште пред година дена. А, зошто се чекаше година дена, тоа некој друг треба да одговори. А, уште поприфатлив е новиот предлог, ако можам да се изразам така, за две години администрацијата и правосудството да добијат 40%. Понеделник, вторник, среда, кога му одговара на премиерот и кога им одговара на министрите да се дојде и да се потпишат овие колективни договори и да ја завршиме оваа голгота бидејќи административците и колегите од правосудството имаат најниски плати во државната и во јавната администрација“, изјави Трпе Деаноски, претседател на синдикатот на УПОЗ.
Опозициската СДСМ вчера повторно поднесе Предлог-закон за зголемување на минималната плата на 600 евра, согласно реалните потреби на работниците и јасните барања на синдикатите.
- „Сегашното ниво од 400 евра минималната плата не обезбедува доволно заштита на животниот стандард и не ја следи реалната структура на трошоците на едно просечно домаќинство. Македонија денес има најниска минимална плата во регионот и во Европа“, велат од СДСМ.
Блокада на Собранието и генерален штрајк се двата следни чекори што ги најави Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), по протестот во средата во Скопје. Првата блокада ќе биде следната недела, а ќе се блокира работењето на Собранието и пристапот на пратениците кај кои една година стојат законските измени за зголемување на минималецот.
Петар Догов
Б.С.











