Десетици поранешни членови на курдските сили чекаа во редици денеска пред новоформираниот Центар за помирување за да се демобилизираат и да го регулираат својот правен статус со новата сириска влада.
Меѓу нив беа и оние кои беа дел од Асаиш – безбедносната агенција предводена од Курдите во северна и источна Сирија, која вклучува Арапи, како и Курди – и Сириските демократски сили (СДФ).

Центрите за помирување нудат процедури за проверка на идентитетот и амнестија за оние кои претходно биле поврзани со СДФ предводени од Курдите.
Според официјалните лица, центрите работат од минатиот месец, откако владините сили ја презедоа контролата врз областа Рака, и примија над 2.000 луѓе.
- „Секој член кој го регулира својот статус во рамките на законскиот рок се заштитува себеси и може слободно да се движи со презентирање на својата лична карта заедно со документот за населување во градот“, рече за Асошиејтет прес Мустафа Ал-Иса, директор на Центарот за помирување. „Секој што го одложува процесот се изложува на правна одговорност“, додаде тој.
Кандидатите треба да пополнат документација и биометриска регистрација за да добијат одобрение.
Во петокот, СДФ објави нов договор со централната влада, со цел стабилизирање на прекинот на огнот со кој се стави крај на неколкунеделните борби и утврдување чекори кон интегрирање на силите поддржани од САД во армијата и полициските сили и интегрирање на цивилните институции во областите контролирани од СДФ со централната влада во Дамаск.

Договорот постигнат меѓу СДФ и владата предвидува формирање нова воена дивизија под команда на сириското министерство за одбрана, која се состои од три бригади составени од борци на СДФ во покраината Хасаке, покрај формирањето на бригада од борци на СДФ во рамките на дивизија во покраината Алепо.
Централната влада соопшти дека поранешните членови на СДФ ќе бидат одобрени да се приклучат на новите бригади од случај до случај, по безбедносна проверка.
Договорот, исто така, предвидува повлекување на милитантите од Курдистанската работничка партија, или ПКК – курдско сепаратистичко движење кое водеше долгогодишен бунт во Турција – од Сирија.
Б.С.











