Двајцата први претседатели на Македонија имале средби со научниците од универзитетот Колумбија за истражувачкиот проект за мозоци преку кој мозочни ткива на македонски починати пациенти биле транспортирани во САД, стои во изданието на научната студија од проектот издадена 2014 година.
Наведено е дека средбите имале за цел објаснување на целите и придобивките од проектот, биле планирани средби и со новинари и со владини службеници. Првите двајца претседатели беа Киро Глигоров и Борис Трајковски што значи дека средбите биле пред 2004 година. Во тој период мозочните ткива биле земани од починати пациенти во психијатриската болница во Бардовци, дознала во своето истражување поранешната новинарка Менче Точи.
Од друга страна, за целите на проектот бил формиран посебен Етички комитет на медицинскиот факултет, рече професорот Дума, кој тврди дека за сите пациенти имало дозвола за научна употреба на мозочни ткива и дека била вршена и психолошка обдукција на починатите.
Македонската јавност очекува одговори за текот и достигнувањата на научниот проект и дали може да има истрага, научна и кривична за регуларноста на проектот почнат пред точно 30 години и кој траел две децении.
„Прва предност што ја добиваме од работењето во Македонија е времето и ентузијазмот што нашите соработници ги вложуваат во работата. Друга е релативното отсуство на „бирократија“: бесцелни тужби се речиси невозможни, а заштитата на приватноста, иако е регулирана, е помалку оптоварувачка отколку во земјите што можат да си дозволат поголемо законодавство“, стои во извадок од научната студија „Збирка за психијатриски мозоци во Македонија“.
Старата студија и информации добија внимание во јавноста поради тоа што се спомнати преку новинарски текст во Епстин документите, од истрагата за озлогласениот педофил и злоставувач.
Миомир Серафиновиќ











