Триесет и осум годишен охриѓанец заврши во притвор. Тој се товари за измама на шестмина штипјани и тројца виничани, со што од нив собрал речиси 60.000 евра. Според информациите на Телма охриѓанецот бил дел од криминалната мрежа која изминатите месеци ги мамеше повозрасните граѓани на Штип, Кочани и Виница, кои по телефонските повици дека нивни блиски се учесници во сообраќајни несреќи или дека им е потребна итна операција на одредни локации ги оставале парите. По што откако контактирале со своите синови, ќерки, снаа и внуци сфаќале дека се измамени и случаите ги пријавуваа во полиција.
Од Министерството за внатрешни работи денеска информираа дека расчистени се девет сторени кривични дела Измама за лажни сообраќајни незгоди.
„На ден 04.02.2026 од страна на полициски службеници од Одделението за криминалистичка полиција при СВР Штип, во координација со Одделот за криминалистичка полиција преземени се оперативно тактички мерки за расчистување на претходно сторени кривични дела Измама во врска со лажни сообраќајни незгоди, при што лишен од слобода е П.С.(38) од Охрид, се вели во соопштението од МВР.
По извршениот службен разговор П.С. појаснил за начинот, местото и времето на извршување на деветте кривични дела од кои шест во Штип и три во Виница. До Основното јавно обвинителство (ОЈО)- Штип поднесена е кривична пријава по итна постапка, а по предлог на ОЈО Штип П.С. е спроведен пред судија на претходна постапка при што му е одредена мерка притвор.
Инаку приведниот охриѓанец во оваа мрежа влегол со надеж дека ќе се вработи.
Тој се јавил на оглас за вработување, по што од другата страна на слушалката добил понуда да оди низ градовите и за одредена сума на пари да ги зема парите, а потоа пратките ги носел на други локации.
Пред неколку дена на социјалните мрежи реагираше и познат штипски каридиолог, чие име измамниците во телефонските повици го споменувале на пензионерите,кои се олеснети за околу 60.000 евра. Тој упати и апел до граѓаните да не подлегнуваат на ваквите измами.
Викторија Димитрова Јованова











