Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

По заканите за убиства, полицискиот синдикат со протестен марш во Битола

/

пред 238 дена

Сподели преку :

Со симболичен протестен марш по битолски Широк Сокак, Независниот полициски синдикат го изрази својот револт поради заканите по живот упатени кон полициските службеници за време на протестите во Битола од поединци на кои им беа одземени возилата што ги управувале без возачка дозвола.

Од Независниот полициски синдикат побараа притвор за сторителите и апелираа до институциите да не применуваат селективна правда, туку законите да важат еднакво за сите.

Државата треба сериозно да ги сфати заканите, затоа што секој напад и секоја закана врз полициски службеник мора да се гледа како напад врз државата. Сметаме дека ако оваа девијантна појава остане неказнета, ќе се повтори и врз судии, обвинители, новинари… Мора да има поригорозни казни, изјави Мартин Ефремов, претседател на Независниот полициски синдикат.

Тие посочија дека протестниот марш е израз на професионална загриженост и дека нема етничка позадина. Побараа и измена на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир и враќање на поранешната глоба од 1.000 евра за омаловажување на служебни лица, наместо сегашните 50, односно 150 евра.

Ваквите навреди и закани не смеат да се толерираат. Казните мора да се зголемат и да бидат построги, и парично и со затворски санкции, ако сакаме да имаме правна држава. Не смеат да постојат различни аршини – сите граѓани треба да бидат еднакви пред законот, изјави Владимир Литовски од НСП.

На протестите во Битола што се одржаа на 3 и 4 февруари, поединци се заканија дека ќе тепаат и убиваат полицајци доколку продолжи одземањето на возилата управувани без возачка дозвола. Тие ги блокираа патиштата во неколку градови низ државата и палеа гуми и отпад.

По изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека од МВР побарал жесток одговор за заканите и нарушувањето на јавниот ред и мир, протестите престанаа.

Независниот полициски синдикат поднесе кривични пријави за заканите кон полициските службеници, по што двајца од демонстрантите, Рафет и Феим Мемишовски од Битола, јавно се извинија преку видеопораки објавени на социјалните мрежи.

Емилија Мисирлиевски