Владата го утврди Предлог-законот за Советот на јавните обвинители. Предлог-законот, заедно со законот за Јавното обвинителство, добиле позитивно мислење од Венецијанската комисија, па затоа добил зелено светло и на денешната владина седница.
Оттаму информираат дека клучни измени во текстот се:
„Детално уредена постапка за разрешување на претседателот и заменик-претседателот на советот, која се покренува врз основа на образложено барање од најмалку четири члена на Советот. Засилена улога на Советот во постапката за избор и разрешување на Јавниот обвинител на Република Македонија, вклучително и можност за поднесување на иницијатива за разрешување до Собранието. Зајакната транспарентност на работата на Советот, воведување прецизни и јасни критериуми за избор на членови на Советот и детално уредена постапка за разрешување на член на Советот, со прецизирани рокови и јасни критериуми“, се вели во владиното соопштение.
Овој закон спроед владата претставува значаен чекор кон зајакнување на независноста, отчетноста и транспарентноста на јавно-обвинителскиот систем.











