Законот за пушење ќе се донесе, ама спроведувањето ќе оди полека, уверуваат надлежните.
Од една страна, лекарите укажуваат на штетните последици од пушењето и потребата да се заштитат младите, од друга кафеанџиите, малите трговци и тутунарите се жалаат дека ќе им наштети на бизнисот.
Од владата доаѓаат измешани сигнали за носењето на законот. Од една страна уверуваат дека ќе се донесе, во исто време размислуваат за ублажување по добиените реакции, но и најавуваат дека нема веднаш да се почне со казнување. Велат дека не се пишманат, но најавуваат фазна, односно мека имплементација на законот. Очекуваат до крајот на годината целосно да почне да се применува.
„Тоа значи дека законот ќе биде донесен, но, во соработка со угостителските капацитети, ќе тргнеме со една фаза која ќе биде без казнување, со информирање, со едукација. Заедно да успееме да ја изградиме културата којашто ќе сакаме да ја постигнеме и потоа оди следна фаза“, изјави државниот советник во Министерството за здравство Никола Грпчевски.
Претходно и министерот Азир Алиу рече дека нема да почнат веднаш со казнување, а заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески дека постојат 50-50 шанси за ублажување на предлогот.
Според предложениот текст, Законот ќе треба да се применува од 1 март, за две недели од сега, но тој сè уште не е влезен во собраниска процедура.
Новиот построг закон предвидува целосна забрана за пушење во затворени простори, вклучително и во угостителски објекти, како и забрана за пушење на отворено пред градинки, болници и на автобуски станици.
Ќе може да се пуши на терасите во кафеаните, но само ако не се заградени. Освен класичните цигари, се забрануваат и електронските цигари и други уреди за конзумирање тутун и никотин. Се заоструваат и правилата за продажба.
Казните се од 150 до 300 евра за тој што пуши, и од 2 до 5 илјади евра за фирмите што го прекршуваат законот.
Одговорните лица во фирмите ќе добијат казна од 1500 до 2000 евра.
Македонија е една од најпушачките нации во Европа. Пуши 45 отсто од возрасното население.
Годишно, околу 4000 луѓе во земјава умираат како директни последици од пушењето цигари.
Според податоците на Институтот за јавно здравје, една третина од младите пушат, многу често електронски цигари.
Срѓан Стојанчев











