Министерката за образование ги демантира гласините од започнатата јавната дебата со универзитетите за Предлог-законот за високо образование, дека се укинува вонредното студирање. Јаневска кажа дека забраната останува како и во досегашниот закон за одреден вид на факултети, а новина е што таа е воведена на наставничките факултети заради потребата од пракса и досегашните лоши резултати на ПИСА тестирањата.
Министерката, исто така, демантира дека нема учебници за помалите етнички заедници, зашто издавачките куќи не сакале да ги печатат поради малиот тираж. Таа кажа дека проблемот е што автори на учебници за заедниците не ги исполнуваат критериумите за објава на тие трудови.
Дезинформација се проширила во јавноста и на започнатите дебати на МОН со универзитетите дека со Предлог- законот за високо образование се укинува вонредното студирање. Министерката за образование го демантира тоа. Вели, исто е како и во досегашниот закон за високо образование.
Факултетите за медицина, фармација, ветерина, архитектура и Градежниот факултет останува да се студираат само редовно. Новина е што со новиот Предлог- закон, забрана за вонредно студирање има само за наставничките факултети , во интерес на праксата и досегашните слаби резултати на ПИСА тестирањета, кажа министерката.
„За да можат да се соочат со новите методологии на предавање и комуникација со децата од прв до четврти клас. Тие мора да имаат пракса. А, зошто? – Затоа што ни се последни на ПИСА“, рече Весна Јаневска, министерката за образование и наука.
Таа посочи и друг пример од јавната дебата дека професор прашал, зошто е воведен критериум за оваа категорија универзитетски кадар, да присуствуваат на меѓународни собири и кој е ефектот од тие вмрежувања врз студентите. Јаневска смета дека ова прашање не заслужува одговор. Го повтори ставот дека сите конструктивни забелешки за Предлог- Законот за високо образование ќе бидат вклучени во конечната верзија и таа ќе биде ставена на ЕНЕР пред да оди во владина процедура.
Министерката, исто така, демантира дека немањето учебници за учениците од помалите етнички заедници е поради одбивањето на издавачите да ги печатат заради малиот тираж, што беше кажано на дебатата во Министерството за односи меѓу заедниците пред два дена. Јаневска вели проблемот е што дел од авторите не ги исполнуваат критериумите за објавување на учебниците.
„Кога бараме како министерство , односно како Педагошка служба, за жал се случува во одредени заедници издавачките куќи да не можат да најдат луѓе што ќе ги исполнат тие критериуми“, изјави Весна Јаневска, министерката за образование и наука.
Министерката денеска го доби на подарок од авторот, првиот том на Македонскиот етимолошки речник, со зборови од А до Ж. Негов автор е проф. д-р Гоце Цветановски од Институтот за македонски јазик. Во него има 2.560 заглавни зборови, а со останатиот материјал, вкупно 10.000. За ова издание МОН дал 50.000 евра.
Сотир Трајков
Дигитална обработка: T.Д.











