Тешки кражби, загрозување со опасно оружје, напад на службено лице – досието на Стојанче Јовановски покажува сериозна историја на кривични дела во изминатите десет години. На насилникот од Карпош му беше определен 48 часовен притвор. По падот од 6-ти кат во кој загинаа неговата сопруга и детето на товар му се става и делото наведување за сторување на самоубиство, нанесување на телесни повреди и загрозување на сигурноста.
Дебело судско досие има Стојанче Јовановски кој сега е во притвор по падот од балкон во скопски Карпош на неговата сопруга Ивана и нивната шестгодишна ќерка Катја.
Неколку пресуди за тешки кражби, загрозување со опасно орудие при тепачка или караница, насилство и напад на службено лице.
Најмалку една деценија има историја на кривични дела и пресуди против него во судскиот портал.
Првата пресуда до која дојде Телма датира од декември 2017 година, а делото било сторено 2015 година.
Осуден е во отсуство на затвор од две и пол години. Провалил во студио за тетовирање заедно со уште едно дете и украле предмети вредни речиси 4.800 евра. Во меѓувреме неколку месеци подоцна во март 2018 година повторно во отсуство е осуден на две години затвор за кражба на велосипед. Откако Јовановски се појавил и барал повторување на постапките за двете пресуди за да му се суди во присуство, признал вина и добил условни казни.
Во 2019 година пак му се судело за загрозување со опасно орудие при тепачка или караница. Во градски парк со нож се обидел да повреди момче со кој имал нарушени односи.
Добил условна осуда, со утврдена казна затвор од 3-месеци, која нема да се изврши доколку во рок од 2 години не стори ново кривично дело. Тогаш не бил во брак и со сега починатата Ивана го очекувал раѓањето на нивното дете.
Во оваа пресуда се спомнува дека е осудуван и во 2016 година за одземање на моторно возило. Но, оваа пресуда не можевме да ја пронајдеме. Јовановски повторно се нашол во суд.
Две правосилни пресуди има против него за напад на службено лице при вршење работи на безбедност со парична казна од 150 евра и на условна осуда за насилство со заштитен надзор од 1 и пол година затвор која казна нема да се реализира доколку во следните 4 години не стори ново кривично дело. Двете пресуди се потврдени од Апелациониот суд.
Од судот потврдуваат дека во важечка евиденција се само овие две правосилни пресуди за напад на службено лице и за насилство. Останатите се избришани од евиденција бидејќи имало законски основ за тоа.
Од обвинителството потврдија и дека на крајот на минатата година бил и фатен со 19 грама марихуана и 7 грама амфетамини во багажникот на неговиот автомобил, а биле побарани мерки на претпазливост кои се уште се на сила.
На Јовановски на кој му беше определен 48 часовен притвор сега му се ставаат на товар и наведување за сторување на самоубиство, нанесување на телесни повреди поврзани со семејно насилство и загрозување на сигурноста.
Пријава за семејно насилство претходела на кобниот ден, но Ивана пред полицијата изјавила дека немало физички контакт меѓу неа и нејзиниот сопруг, дека се работело за недоразбирање, дека не бара поведување на постапка и дека брачните односи ги решава преку барање за развод. Полицијата сепак има виде доказ како Јовановски ја удира пред трагичниот настан.
Ивана пред половина година поднела барање за развод кое било регистрирано во Центарот за социјални работи Скопје, а во февруари имале и допис од МВР за физички напад од страна на нејзиниот сопруг во декември. Од центарот се уште не излегле со информации што констатирале по оваа пријава.
Марија Митевска
Б.С.











