Водата во Струга и натаму е забранета за пиење, потврдуваат и денешните анализи. Од ЈП „Водовод“ информираат дека матноста во водоводната мрежа веќе се движи до границите на нормалата, но вредностите од изворот Шум се уште варираат, па состојбата се следи и секојдневно се земаат примероци за анализа. Сепак, забраната за употреба останува на сила.
Дека водата не ги задоволува потребните критериуми за квалитет потврдуваат и од Институтот за јавно здравје, каде исто така се извршени проверки.
„Резултатите се готови и испратени до институциите. Информирани се АХВ, ДСЗИ и Министерството за здравство. Ние ги информираме кога ќе забележиме неисправност. Во конкретниот случај имавме отстапување на параметарот за матност и, согласно правилниците, во тој примерок водата не беше за пиење, изјави Марија Андоновска, директорка на ИЈЗ.
Во меѓувреме, по еколошкиот инцидент кај изворот Шум, над 50 илјади жители на Струга веќе 25 дена се без чиста вода за пиење. ЈП „Водовод и канализација“ соопшти дека во вонредни околности граѓаните се снабдуваат со вода за пиење преку цистерни на неколку локации низ градот. Сè уште е неизвесно дали и кога стружани ќе добијат чиста вода од градскиот водовод, а со затоплување на времето и покачување на температурите оваа состојба станува алармантна и загрижувачка.
Инаку, случајот кај изворот Шум е веќе предмет на истрага на Обвинителството во Струга за утврдување евентуална кривична одговорност за загадувањето на изворите во Шум. На терен биле затекнати машини на две фирми кои вршеле ископ.
Експертите од Градежниот факултет во Скопје, кои извршија теренски увид и анализа, предупредија дека кризата нема брзо решение. Тие побараа итно воспоставување санитарни заштитни зони, ограничување на активностите во сливот и планирање нови извори за водоснабдување.
Емилија Мисирлиевски
Дигитална обработка: Т.Д.











