Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Танкица, Росица, Емилија… Пријавувале, но никој не ги заштитил, Телма анализа

/

пред 211 дена

Сподели преку :

Насилникот обично пијаница, болно љубоморен, агресивен. Жртвата малтретирана со години. Трпи од страв, заради децата, нема каде да избега. Чувството дека нема каде да се обрати го зголемува и фактот што семејното насилство, пријавувано повеќе пати, институциите не го сфаќаат.

На 15 септември 2025 година, Илија Стефановски со нож ја уби својата поранешна партнерка Росица Коцева и нејзиниот татко во нивната семејна куќа во Велес, по што си го одзеде животот. Росица повеќепати го пријавувала за насилство и демнење. Тој и претходно ги малтретирал своите девојки.

На 1 ноември 2024 година, Фадил Зејнелов со голи раце ја задавил својата невенчана партнерка Емилија Пешева во Штип со која имале дете. Призна дека ја убил од љубомора. Родителите на убиената постојано пријавувале дека ја тепа. Зејнелов доби доживотен затвор.

На 25 септември 2023, Усеин Рашидов со 40 убоди со нож ја уби Танкица Младеновска во Кочани пред нејзината куќа. Таа го пријавувала нејзиниот поранешен љубовен партнер дека ја уценува со нејзини компромитирачки фотографии за да му дава пари. Рашидов беше осуден на доживотен затвор, а 9 месеци по убиството се обеси во ќелијата во кумановскиот затвор.

На 9 ноември 2014, Тони Станоев ги уби сестрата и родителите на неговата поранешна сопруга во нивниот дом во Кавадарци, само неколку дена откако таа се развела од него. Таа барала забрана за вознемирување и закани. Станоев доби доживотен затвор.

Прашањето кое се поставува е дали овие инцидентите можеле да бидат спречени.

Забраните за доближување или отстранување од домот не се доволна заштита од некој што веќе одлучил да убие и да ги сноси последиците од тоа.

Психолозите уверуваат дека има начин да се процени колку некој насилник е опасен за на жртвите да им се пружи поголема заштита. Сепак, таа проценка на ризик или не се прави или се прави про форма.

  • „Има цела наука околу тоа кои се тие фактори во однос на сторителот кои треба да се земат предвид дека викаат ова се аларми, ова се црвени знамиња. Во однос на динамиката на насилството – кога започнало, колку траело, како се развивало и плус уште неколку клучни точки. На пример, секојпат која жената се спрема или планира да напушта е еден од најсилните аларми, којшто секоја вклучена институција треба да знае дека има ризик жената сериозно да настрада, затоа што често се остварува заканата – „или ќе бидеш моја или ничија“, објасни Фросина Ивановска, психолог кој работи со сторители на семејно насилство.

Кога црвените аларми се запалени, а институциите не реагираат епилогот многу често е смртен исход. Најчесто насилникот ја убива жртвата, поретко жртвата, веќе физички доведена до работ, крева рака на себе. Во ретките случаи се спасиле, но повторно со смртен епилог и останати трауми.

На 29 септември 2021 година, велешанката Пале Иловска со еден убод со нож го уби својот вонбрачен партнер Александар Ристовски од кого со години трпела насилство. Кобната ноќ, тој бил пијан, почнал да ја навредува и да ја тепа, ја фатил за гуша за да ја дави.

За да се спаси, таа го зела ножот од масата и еднаш го прободела во срцето по што починал. Судот ја ослободи, зашто убиството било сторено во нужна самоодбрана.

На 21 февруари 2022 година дедото во својот дом го уби поранешниот зет Стојанче Соколов. По долгогодишно семејно насилство, ќерката на Тони Ѓорѓиевски Фердо со децата избегала кај својот татко.

Поранешниот сопруг дошол пијан со мачета, ја скршил вратата на домот на дедото, во кој во моментов имало шест луѓе, по што Ѓорѓиевски го застрелал со пиштол.

Битолскиот суд го ослободи од одговорност зашто делото го сторил во крајна нужда за да го заштити семејството.

И во двата случаи, убијците со месеци беа во притвор, беа обвинети за убиство, се организираа протести за нивно ослободување, но судот ги ослободи откако докажаа дека навистина немало каде и убиството било сторено во нужна самоодбрана.

Срѓан Стојанчов

Б.С.