Големи пожари избувнаа во главниот град на Иран, Техеран, откако во израелски напади беше погодена инфраструктура на нафтената индустрија.
Иранските власти соопштија дека во нападите врз четири резервоари за складирање на нафта и терминал за пренос на нафтени деривати загинале четири лица.
Сведоци од градот изјавиле дека чадот од пожарите бил толку густ што изгледало како сонцето воопшто да не изгреало. Израелската војска соопшти дека нападнатите складишта биле користени од иранската армија за снабдување со гориво при лансирање ракети.
Според иранската Црвена полумесечина, околу 10.000 цивилни објекти низ земјата се оштетени, меѓу кои домови, училишта и речиси триесетина здравствени установи.
Организацијата ги предупреди жителите на Техеран да преземат мерки поради токсично загадување на воздухот и можност од појава на кисели дождови по нападите.
Меѓувреме, иранскиот претседател најави проширување на нападите врз американски цели во регионот.











