За три месеци десетина битолчани останале без 60 илјади евра и други вредни предмети, откако станале жртви на добро организирана телефонска измама со лажни сообраќајни несреќи. Измамата се одвивала по исто сценарио, а најчесто биле таргетирани повозрасни лица кои добивале вознемирувачки повик. Од другата страна на линијата им се претставувале лица кои тврделе дека нивен близок е тешко повреден во сообраќајна несреќа и дека итно се потребни пари за операција. Во друга верзија на измамата, на жртвите им било кажувано дека нивен роднина предизвикал тешка несреќа и дека парите се потребни за да се избегне затвор, велат од обвинителството.
„Доведени во заблуда и исплашени за своите блиски, оштетените се согласуваат лично на рака да исплатат различни суми пари – од неколку десетици илјади денари до над 20.000 евра, златен накит и вредни предмети. Парите ги предаваат на различни локации во Битола, на лица кои претходно, преку оглас на Фејсбук, биле ангажирани за работа. До овој момент, Основното јавно обвинителство Битола има поднесено обвинение против четири вакви лица кои се гонат како соизвршители во измамите и директно ги преземале парите од измамените граѓани“, велат од ОЈО.
Парите потоа се пренесувале и предавале кај непознато лице во Бугарија. Поврзаност според обвинителите се и телефонските броеви од Романија кои се употребени во сите овие настани до кои доаѓале во контакт со оштетените. Поради тоа обвинителството во Битола побара да се вклучи и меѓународната правна помош до органите на овие држави со цел да се откријат сторителите. Подолг период граѓаните се „мета“ на телефонски измами, а за само еден месец биле пријавени шест вакви случаи.
Изминатата година КОД направи истражување за измамите со лажни несреќи. Тогаш 70 годишната светиниколчанка била прелажана дека нејзините ќерка и внука направиле сообраќајна несреќа во која загинал мигрант, при што и побарале 60 илјади евра, а таа им дала 20 илјади евра кои ги штедела цел живот. МВР ја уапсило Бугарката на граничниот премин Деве Баир, и покрај тоа што била осомничена за две измами, на крај била условно осудена и протерана во Бугарија, без да одговара за другиот случај.
Во 2024-тата година биле регистрирани 25 вакви случаи со измами, додека во 2025 година бројка е слична. Надлежните апелираат до граѓаните да не потпаѓаат на вакви измами и да не се согласуваат да даваат пари на рака на лица кои воопшто не ги познаваат.
Симона Петровска











