Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Втор напад на куче скитник врз дете во Битола – жители на Баир бараат итно решавање на проблемот

/

пред 219 дена

Сподели преку :

Општината за една недела да го реши проблемот со бездомните кучиња, побараа жители на битолски Баир на мирниот собир пред општинската зграда, откако по вторпат за еден месец дете беше нападнато од куче скитник во двор на семејна куќа. Четиригодишното девојче е со тешки повреди, искасано по лицето и телото и на лекување е во Клиничката болница во Битола.

„Девојчето ми е нападнато од улични кучиња. Мора да се преземат мерки, оти на секого може да му се случи. Малата е уплашена, ми кажува „тато, кучето беше врз мене““, вели Ахмет Азизов, татко на девојчето. 

Бабата едвај успеала да го спаси малото девојче од агресивното куче.

„Во дворот ми дојде кучето, стрчнав да ја бранам, ама кучето веќе ја касна на лице и рака“, вели Мукерем Бајрамова, баба на девојчето. 

Граѓаните се жалат дека градот е преплавен со скитнички кучиња, и тоа не само на битолски Баир, туку насекаде, и веќе ја загрозуваат безбедноста на случајните минувачи.

„Го носев детето, а трчаа пет-шест кучиња по мене. Дали јас да се чувам или детето да го чувам, мора нешто да се преземе, не може вака“, вели Садик Канановски, жител на Баир. 

Од невладините активисти кажаа дека доколку надлежните за една недела не почнат да го решаваат проблемот со уличните кучиња, ќе ја блокираат работата на Општината

„Во спротивно ќе останеме тука, бидејќи е месец на Рамазан. На среде булевар ќе има 3.000-4.000 луѓе кои ќе јадат ифтар. Ќе поставиме шатори 24 часа и нема да дозволиме вработените да влезат во Општината, затоа што ние не сме безбедни да си влеземе дома“, рече Самедин Канановски од НВО „Центар за интеграција на Ромите“ во Битола. 

За еден месец, ова е втор напад на куче врз мало дете во Битола. На 6 февруари, двегодишно дете од истата битолска населба беше пренесено во скопските Клиники со тешки повреди по главата и телото нанесени од улични кучиња.

Во Битола пред две години се отвори прифатилиште за кучиња, каде што се работи според принципот „залови, стерилизирај, вакцинирај и врати/вдоми“. На тој начин надлежните се надеваат дека со текот на времето ќе се намали популацијата на скитници. Во меѓувреме, Општината веќе неколку години исплаќа големи суми за отштета на луѓе каснати од бездомни кучиња кои тужат.

Емилија Мисирлиевски