Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

МНТ во 2026 година со силна и внимателно курирана програма за работа

/

пред 209 дена

Сподели преку :

Премиери, нови режисерски имиња, учество на млади актери, поддршка на независната сцена и гостувања дома и во странство. Вака директорот на МНТ, Никола Кимовски ја образложи програмата за работа за оваа година за која кажа дека е силна и внимателно курирана.

„Годинава влегуваме со силна, интензивна и внимателно курирана програма. Со премиери кои отвораат релевантни прашања, со копродукции кои создаваат нови, креативни сојузништва и со гостувања кои јасно го позиционираат МНТ како активен, регионален и европски чинител“, изјави Никола Кимовски, директор на МНТ.

Првата премиера ќе се одржи на малата сцена на 17 март. Тоа е копродукцијата „Син понеделник“, во режија на младиот Борјан Стојков. На големета сцена ќе бидат поставени „Страв и надеж“, во режија на Татјана Мандиќ-Ригонат од Белград, „Три сестри“ во режија на Нела Витошевиќ и праизведбата на текстот на Дејан Дуковски, „Црно злато“ во режија на Слободан Унковски.

„Козата или која е Силвија“ во режија на Шенај Мандак, исто така, ќе се игра на малата сцена на МНТ. На Светскиот ден на театарот, 27 март, ќе се одржи премиера на танцовата претстава „Диво месо“ по текст на Горан Стефановски во режија на Борче Начев.

А, истакнатиот фински режисер Јари Јутинен ќе ја постави претставата „Западен експрес“. МНТ годинава ќе настапи во Марибор, во Дубровник, на фестивал во Варна, Бугарија, и на фестивалот „5ре“ во Велес.

Сега се работи на санација на северната тераса, каде од преземањето на театарот има протекувања кога врне, кажа техничкиот директор на МНТ.

„По вторпат се работи таа тераса. Овојпат многу посериозно. Се планира да се заврши до крајот на јуни. А, во меѓувреме се планира започнување на другата, јужна тераса“, изјави Гунтер Кубе, технички директор на МНТ.

По неа ќе се санира и ентериерот, дополни Кубе. Директорот Кимовски најави дека претстави од малата сцена со млади актери кои го доловуваат духот на некогашниот патувачки театар на Петре Прличко, работени на независната сцена, ќе патуваат низ Македонија. Ќе има и посебна програма за прослава на 81-годишнина на МНТ, четири настапи на летната сцена „Славиша Каевски“ и издавање винили со музика од новите остварувања на театарот.

МНТ годинава располага со буџет од 235.000 евра.

Сотир Трајков