Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, денеска продолжува со сослушување сведоци предложени од Јавното обвинителство.
Случајот го води судијката Дијана Груевска-Илиевски, а на денешното рочиште се очекува да бидат сослушани пет сведоци.
На претходните рочишта, сведоци споделија различни детали за подготовките и безбедносните пропусти во дискотеката.
Сведокот Горан Игновски, кој повеќе од 34 години работи со продажба и сервис на опрема за настани, изјави дека година и половина пред трагичниот настан им продал опрема и прскалки на Панчо и член на групата ДНК.
Вработена во сметководствено биро сведочеше дека никогаш не видела материјален доказ за деловна соработка меѓу дискотеката „Пулс“ и агенцијата за обезбедување „Рубикон“.
Друга вработена во подрачното одделение на Дирекцијата за заштита и спасување во Кочани рече дека не добила никаква документација во врска со дискотеката и дека подрачното одделение нема инспектор за заштита и спасување.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година за време на настапот на музичката група ДНК и е една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата.











