Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Родителите на жртвите во „Пулс“ незадоволни од комеморацијата во Собранието

/

пред 208 дена

Сподели преку :

Родителите на загинатите во кочанската трагедија излегоа револтирани и разочарани од комеморацијата што се одржа во Собранието по повод една година од пожарот во кој животот го загубија 63 млади лица. Очекувале достоинствено оддавање почит на нивните деца, а не кратка  комеморација без да бидат спомнати имињата на жртвите.

„Сè падна во вода. Комеморацијата за нашите деца, со 63 жртви за една држава, со така да речам, две страници читање и ајде чао пријатно, толку беше“, изјави Габриела Наунова, мајка на загинатата, Надица Наунова.

„Очекувавме барем за секое дете да одвоеја текст, што мислевме дека е дадено од институциите, бидејќи на сите институции е пренесено. Но, за жал, ниедно дете не беше удостоено, спомнато со име и презиме. Само кратки зборови и правдање. Правдање за собранието и одморот што си го зедоа по трагедијата“, додаде Александар Наунов, татко на загинатата Надица Наунова.

„Нели е срамота и греота да загинат во една држава 63 млади луѓе, да згаснат животи кои беа иднината на државата. Срамота е по една година, комеморација да се одржи. Не знам, ова го нема ниту во најназадните земји. Ниту во Авганистан или Пакистан. Шеесет и три деца да загинат, а тие уште и нè напаѓаат“, додаде Драги Стојанов, татко на загинатиот Томче Стојанов.

Овој чин за нив е многу задоцнет, но сепак важен, бидејќи „покажува дека трагедијата во „Пулс“ не е само семејна болка, туку и институционална одговорност“.

Правда и одговорност побара и претседателот на Собранието, кој во своето обраќање ги охрабри институциите да бидат ефикасни и професионални.

„Трагедии како оваа ни покажуваат дека одговорноста на институциите е поголема одошто проценуваме и дека правдата е поважна отколку што замислуваме. Затоа е суштински важно, надлежните институции, јавното обвинителство, судовите, МВР и сите истражни органи да работат во овој процес со професионализам, независно и целосно транспарентно. Правдата не треба да биде ниту пребрза, поради политички ефект, ниту пак задоцнета. Само правдата и вистината можат да донесат мал спокој за семејствата и за општеството“, изјави Африм Гаши.

Гаши рече дека е свесен дека што и да каже, нема да биде доволно да ја изрази и ублажи болката и да ја пополни празнината кај родителите. Побара трагедиите да не бидат поле на раздор, туку моменти на солидарност, на хуманост и на сплотеност.

Комеморативната седница почна со едноминутно молчење во знак на почит кон загинатите. На седницата, покрај пратениците и родителите, присуствуваа и претседателката на државата, Гордана Силјаноска Давкова, премиерот Христијан Мицкоски и министрите во владата.

Далиборка Демјанска Цветановска