Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

„Три Марии“ на писателката Оливера Ќорвезироска со наградата „Роман на годината“

/

пред 205 дена

Сподели преку :

Мајсторски напишан роман во кој секој лик е внимателно изграден и секој детаљ има важно место во мозаикот на приказната. Централниот интерес во сите три приказни во романот „Три Марии“ е љубовта – возвратена, невозвратена, нагло прекината, но во сите случаи љубов што ги надминува општествените норми кои, сепак, на крајот надвиснуваат и го оневозможуваат остварувањето на љубовта, стои во образложението на членовите на жири комисијата за наградата „Роман на годината“.

„Сакав и постојано ќе продолжам така да мислам дека нашите книжевни писма, всушност треба да ги прпелкаме во книжевните писма на нашите претходници како во некој шеќер во прав. Ова што ја добивам денеска наградата го доживувам како некое возвраќање точно и на претходниците во име на Славко Јаневски и од современиците, почитуваните автори кои беа членови на жири комисијата. Така сакам да мислам дека ми возвраќаат за сета грижа, почит и внимание што им го укажувам и на едните и на другите низ децении“, изјави Оливера Ќорвезироска, добитничка на наградата „Роман на годината“.

Во конкуренција за престижната награда „Роман на годината“, која годинава се доделува по 27 пат, беа 46 романи.

„Драго ми е секоја година имаме четири-пет романи кои се многу квалитетни и од кои нема да се срамиме на некое европско ниво. Сакам да верувам дека оваа награда придонесе во тој квалитет, придонесе и во читањето на книги. Нема лауреат кој нема веднаш две или три изданија, а тоа е особено важно, затоа што вторите и третите изданија не ги поддржува Министерството за култура, што значи дека ги поддржуваат читателите“, изјави Ѕвездан Георгиевски, директор на Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.

Веќе деветта година генерален покровител за наградата „Роман на годината“ е Комерцијална банка АД Скопје.

„Изборот „Роман на годината“ е предизвик за македонските автори и оттаму Комерцијална банка е горда што може да даде придонес за вреднување на нивниот труд и за продолжување на таа приказна и да се создадат услови и натаму македонските автори да продолжат да творат и да оставаат вредни дела за сите идни генерации“, рече Андреј Јовковски, директор на Самостојната дирекција за маркетинг во Комерцијална банка.

Ќорвезироска за романот „Три Марии“  ги доби и наградата „Стале Попов“ што ја доделува Друштвото на писателите на Македонија за најдобро прозно дело и „Рациновото признание“, со што стана првиот македонски писател што ги добил овие три престижни признанија.  Наградата „Роман на годината“ ќе ѝ биде врачена во средината на мај.

Нина Стефанова