Во големата сала на галериjata Чифте амам при Националната галерија на Македонија, вечерва ќе биде отворена самостојната изложба под наслов „А“, на уметницата Олгица Антовска. Поставката е конципирана како долг полиптих од триесет платна, поставени на бела позадина и продолжени во нишите на просторот. Делата, инспирирани од водата и светлината, уметницата ги претвора во симбол на живот и духовност. На платната, обликувани во кружни и елипсоидни форми, боите треперат во суптилни тонови, создавајќи тивка, но моќна атмосфера што го повикува гледачот на дијалог со природата и сопствената внатрешност.
- Антовска не слика традиционални пејзажи, туку создава дела што потсетуваат на маглина, облаци, вода или светлосни сфери. Наместо сложени форми, користи едноставни линии а секоја композиција е изградена околу светлосен центар кој ја формира динамиката на сликата, велат од Националната галерија за изложбата.
Меѓу делата се „Капка живот“, „Бран“, „Дождовен џез“, „Стаклени мисли“, „Замрзната тишина“, „Кристална светлина“, како и серијата „Вода – плазма“, во кои водата се појавува како форма што се менува, исчезнува и повторно се создава. Изложбата ги повикува посетителите да ја почувствуваат енергијата на водата и светлината и да излезат инспирирани. Творештвото на Антовска поврзува природа и човек, видливо и невидливо, со препознатлив лирски апстрактен израз.
Со повеќе од 30 години активно творештво, изложби во Македонија, Србија, Германија, Полска и САД, како и со учества на меѓународни биеналиња, Олгица Антовска се афирмира како една од најзначајните македонски современи уметници со меѓународно признание. Нејзиното творештво гради имиџ на инспиративна и влијателна личност во светот на современото сликарство.











