На денешната седница на Собранието на дневен ред е предлогот Ненад Савески, кој е предлог за нов државен јавен обвинител.
Савески, кој моментно е судија во Основниот кривичен суд – Скопје, Владата го предложи за државен јавен обвинител пред една недела, а за негов избор потребни му се најмалку 61 пратенички глас.
Неговата кандидатура следува по оставката на поранешниот обвинител Љупчо Коцевски, а по спроведената постапка, во која учествуваа петмина кандидати.
Од експертските и меѓународните ангажмани во биографијата на судијата Савески е наведено дека бил експерт во проекти на Советот на Европа, ОБСЕ и УСАИД. Тој е роден 1976 година, живее во Гостивар и е магистер по правни науки – казнено право.
Претходно, на местото на Љупчо Коцевски, кој поднесе неотповиклива оставка во декември лани, дојде обвинителката Тополова-Исајловска како в.д. државна јавна обвинителка, која беше единствен кандидат, но не може да биде на позицијата подолго од шест месеци.











