Денеска, собраниското мнозинство повторно го одби предлогот на претседателката на Либерално-демократската партија, Моника Зајкова, за измени на Законот за заштита од семејно насилство и насилство врз жените.
Со предложените измени, покрај постојните мерки како забрана за движење, беше предвидено и воведување електронски нараквици за сторителите на насилство, со цел нивно следење и навремено предупредување на жртвите.
Од ЛДП информираат дека овој предлог не е нов и бил поднесен и минатата година, но и тогаш не добил поддршка од пратениците. Според партијата, станува збор за мерка што значи превенција и зголемена заштита на жртвите на насилство.
„Без збор, без аргумент, повторно беше одбиен предлогот за воведување електронски нараквици – мерка што може да спречи насилство и да спаси животи“, изјави Зајкова.
Таа оцени дека одбивањето на ваквите законски решенија претставува сериозен пропуст и директна одговорност, имајќи предвид дека, како што посочи, секоја пропуштена можност за превенција може да резултира со нови жртви.
Од ЛДП додаваат дека е неопходен суштински пристап во справувањето со насилството врз жените, наместо декларативна поддршка, нагласувајќи дека заштитата на жртвите мора да биде приоритет.
T.Д.











