Ненад Савески е деветтиот државен обвинител. Собранието го именуваше со 66 гласа „за“, два „против“ и осум „воздржавни“ по двочасовна дебата посветена помалку на кандидатот, а повеќе на тоа кој го партизирал обвинителството во изминатите години и децении. Предлогот на владата Савески да биде новиот државен јавен обвинител го образложи вицепремиерот Александар Николоски кој го опиша како еден од македонското обвинителство и судство без црни дамки.
„Имаме човек кој е мотивиран и мислам дека ќе биде прв меѓу оние кои сакаат да испорачаат правда. Се разбира, еден човек не може да направи се сам, затоа е потребен тим и тоа е она што се очекува во јавноста. Се надевам дека ќе има поддршка од целото Јавно обвинителство за да се испорачаат резултати заради подобрување на состојбите“, изјави вицепремиерот Александар Николоски.
Опозицијата нема забелешки за искуството и биографијата на Савески туку за оној кој го предлага. Од СДСМ сметаат власта има намера да го претвори обвинителството во продолжена рака на политиката. Најавија дека нема да гласаат против. Пратениците од власта пак очекуваат многу од Савески, но му испратија и пораки и предупредувања од говорницата.
„Ќе имате обврска да воспоставите стандард во кој обвинителот ќе стане синоним за законитост и заштита на јавното добро. Ќе имате обврска институционално да расчистите со последиците од СЈО. Ова е многу значајно за да се исцрта јасна линија меѓу правото и злоупотребата на правото, па макар таа злоупотреба да била направена и од обвинител“, рече Јован Јаулески, пратеник ВМРО- ДПМНЕ.
„СДСМ порачува дека Савески не е национален, туку партиски обвинител на ВМРО-ДПМНЕ. Тој во својот мандат ќе влезе без поддршка на опозицијата што му наметнува огромен товар на докажување. Секое негово идно сомнително постапување по аферите ќе се смета за директно исполнување на долгот кон партијата што го избарала“, вели пратеничката Јована Тренчевска од СДСМ.
Од Европскиот фронт рекоа дека ќе гласаат воздржано. Очекуваат од новиот обивнител да ги ревидира предметите во кои обивнителството било селективно во однос на Албанците.
Ненад Савески на најмоќната фотелја во обвинителството доаѓа од позицијата судија во Кривичниот суд. Судиската тога ја носи од 2016 година, претходно од 2009 година беше обвинител откако заврши Академија за судии и обвинители.
Елена Ивановска Мукоска
Дигитална обработка: T.Д.











