И полицијата е обвинета за силните пропусти кои доведоа до трагедијата во Пулс, но кочанската полиција уште во ноември 2022-ра се обидела и побарала затварање на пеколното кабаре, ама никој не презел ништо со тој предлог, а никој не е ниту обвинет за непостапувањето по тој документ.
КОД дојде до документот од 2022-ра кој како проблемска информација е изготвен на 10 ноември таа година. Информацијата е спомната и во истражувањето на КОД од 28-ми март, а сега ја објавуваме целосно.
Информацијата која можела да го избрише Пулс од мапата небезбедни места за забава, две години и 4 месеци пред трагичниот пожар.
Проблемската информација е информација која надлежните полициски органи или претставници може да изготват и за определена состојба да ги известат повисоките полициски структури или структури во хиерархијата на МВР. За случувањата во Пулс, во 2022-ра година, била изготвена на две страници затоа што имало чести проблеми кога почнала зимската сезона во кочанското кабаре на газда Деко.
-ОВР ПС Кочани се соочува со постојани проблеми од областа на безбедноста кои се манифестираат со чести нарушувања на ЈРМ (Јавниот ред и мир) и кривични дела во и надвор од дискотеката за време на нејзиното работење, се наведува во проблемска информација изготвена од А. Максимов, началник на ОВР Кочани (10.11.2022.)
Во првите десет месеци биле регистрирани 10 кривични дела во и околу Пулс, а кабарето во тој период 2022-ра половина од времето или 5 месеци не работело и било на летна пауза. Регистрирани се во просек по две кривични дела месечно поврзани со Пулс.
Имало 5 тепачки, едно насилство врз дете, еден физички напад, потоа дрско и непристојно однесување и кршење шишиња, кражба и тежка кражба кога била украдена кредитна картичка од гостин и 6 пати биле повлечени пари од банкомат.
Списокот со делата бил наведен во проблемската информација, а повисоката структура СВР Штип била известена и дека кочанската полиција секој викенд поради превенција и увиди е на терен со патроли од полноќ до 4 часа наутро пред и околу Пулс.
-Од досега согледаното, дискотеката не располага со соодветен паркинг простор (истиот го нема) и возилата се паркираат на тротоарите и на коловозните ленти, ниту пак се почитуваат сообраќајните правила и прописи од страна на возачите кои управуваат возила, а се посетители на истата, со што се доведува во прашање, безбедното одвивање на сообраќајот, стои во Проблемска информација изготвена од А. Максимов, началник на ОВР Кочани (10.11.2022.)
Многупати, кочанските полицајци фаќале пијани возоачи и возачи почетници пред Пулс, а исто така било утврдено дека сето тоа прави проблеми во сообраќајот околу кружниот тек и влезот во градот. Поради тоа, кочанската полиција барала од началникот на СВР Штип да реагира за лиценцата за како што ја нарекуваат дискотеката ПУЛС.
-Од тие причини, бараме од Вас како надлежна организациона единица-СВР Штип согласно позитивните законски прописи да ја утврдите фактичката состојба дали дискотеката поседува соодветен паркинг простор, односно дали е доволен за бројот на возила за посетителите, а ако не е ДА ПОВЕДЕТЕ ПОСТАПКА за одземање на согласноста која е неопходна за добивање на лиценца за работа. Бараме од Вас, да постапите во најкраток можен рок по проблемската информација- барањето заради подобрување на безбедносната состојба на подрачјето на ОВР Кочани, се наведува во проблемска информација изготвена од А. Максимов, началник на ОВР Кочани (10.11.2022.)
Никој не реагирал, а 4 месеци подоцна СВР Штип ги бара согласностите но за друга фирма под која работи Пулс со што е избришано досието на Пулс наведено во проблемската информација. Никој не одговара за пропустот што не е презмено ништо, а овој сегмент не е ниту опфатен со истрагата за полициските службеници. Од МВР, на прашањето за проблемската информација и одговорноста за непостапувањето по неа, без прецизен одговор дали ја нашле и дали ја доставиле до истрагата.
-Целокупниот доказен материјал од извршените проверки во врска со настанот за дискотеката „Пулс“ во Кочани од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди е доставен до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција, одговорија од МВР.
Дел од оние што ја правеле проблемската информација,како и потписникот Максимов бае дел од првата група осомничени и притворени полицајци, но за лиценцата после неа. На крај се обвинети за злоупотреба. Беа притворени, а обвинението е всушност содржината на кривичната пријава без нови откритија, а судот и обвинителството ги испратија во притвор иако се било откриено уште веднаш.
Вкупно 12 полицајци се соомничени за злоупотреба на службена положба, а 13, актуелни началници и полицајци кои не ја прекинале кобната забава се обвинети за кривично дело Тешки дела против општата сигурност, исто како сите 35-мина во главниот процес.
Миомир Серафиновиќ
Прилогот е објавен во КОД, на ТВ Телма, на 15-ти март 2026. година во емисијата по повод една година од трагедијата во Пулс.











