Овој државен обвинител ќе има најнеблагодарна функција заради презентираните очекувања пред да биде избран, рече Маргарита Цаца Николовска, поранешна судијка во судот во Стразбур, во вечерашната „Топ тема“ на ТВ Телма за изборот на Ненад Савески за наследник на Љупчо Коцевски. На Савески му посака многу успех и среќа во работата.
„Товарот не е само во делот на Обвинителство. Реакциите и се она што следуваше пред да го номинираат и денеска кога е избран од него се очекува да се подигне вербата во правосудството. Јас такво нешто не очекувам затоа што правосудството е широк поим. Тука влегуваат судиите, тука влегуваат и адвокатите, тука влегуваат и обвинителите кои што се на одреден начин самостојни во својата работа. Меѓутоа очекувам од овој обвинител, кој што во одреден временски период беше и судија, да може тие две работи да ги размислува кога ќе ја извршува својата функција“, порача Маргарита Цаца Николовска.
Таа се осврна и на зборувањата дека новиот државен јавен обвинител ќе направи нешто за извлекување на предметите на обвинителите од фиоки.
„Сето тоа се граничи со популизам. Не може тој обвинител да отиде сам, што да тарашка по фиоките на обвинителите, да види каде се и што се предметите“, додаде Цаца Николовска.
С.Д.











