Изборите во Словенија го спротивставуваат централно-левичарскиот блок, предводен од премиерот, Роберт Голоб, со популистичката десница, чиј лидер е поранешниот премиер, Јанез Јанша, во услови на обвинувања за странско мешање.
Анкетите во моментов не покажуваат јасен победник меѓу движењето на слободата на Голоб и Словенечката демократска партија на Јанша, па исходот најверојатно ќе зависи од помалите партии и формирањето коалиција.
Јанша трипати беше премиер на Словенија(2004–2008, 2012–2013 и 2020–2022).
Домашната политика на Голоб е насочена кон реформи и социјална благосостојба, со фокус на социјални политики, зелена транзиција и институционални реформи.
Јанша, пак, најавува пресврт со намалување на даноците за бизнисите и кратење на средствата за социјални програми.
Овие избори ќе одредат и во која насока ќе се движи надворешната политика на земјата, особено поради спротивставените ставови за Израел и Палестина.
Словенечката влада е гласен критичар на војната на Израел, додека Јанша е цврст поддржувач на Израел.
Спротивставени ставови за Израел и Палестина
За мала држава како Словенија – со околу два милиони жители – конфликтот меѓу Израел и Палестина има значајна улога во политиката.
Актуелната влада отворено ги критикува израелските активности во Газа и окупираниот Западен Брег, дури воведе и забрана за увоз на производи од палестинските окупирани територии.
Во мај 2024 година, Словенија ја призна палестинската државност. Во мај 2025, претседателката Наташа Пирц Мусар во Европскиот парламент повика на поостра акција против Израел, осудувајќи го геноцидот во Газа.
Подоцна истата година, земјата им забрани влез на израелските крајно десничарски министри, Итамар Бен Гвир и Безалел Смотрич и стана првата членка на ЕУ што воведе целосна забрана за трговија со оружје со Израел.
Сепак, овој пристап може да се промени доколку про-израелски ориентираниот Јанез Јанша дојде на власт. Тој е близок сојузник на Нетанјаху, како и на европските десничарски лидери како премерката на Италија, Џорџа Мелони, премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, Марин Ле Пен од Франција и ткн.
Обвинувања за странско мешање
Во пресрет на изборите, на интернет беа објавени тајно снимени разговори во кои се гледа како лобисти и други лица дискутираат за влијание врз одлуките во владината коалиција.
Премиерот Голоб обвини „странски служби“ за мешање, по извештај во кој се тврди дека претставници на израелската приватна разузнавачка фирма Black Cube ја посетиле земјата и седиштето на Јанша.
Словенечката разузнавачка агенција потврди дека претставници на Black Cube престојувале во земјата четири пати во последните шест месеци.
Голоб испрати писмо и до претседателката на Европска комисија, Урсула Фон Дер Лајен, предупредувајќи за „загрижувачки информации“ за можно странско мешање.
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Голоб бил „жртва на јасно мешање“ од „трети земји“, додавајќи дека ваквите интервенции стануваат честа појава на изборите во Европа.
Јанша призна дека се сретнал со претставник на Black Cube, но негираше каква било вмешаност во незаконски активности.











