Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Иран не попушта пред ултиматумот на Трамп за отворање на Ормутскиот теснец – се закани со напади против енергетските капацитети во регионот

/

пред 198 дена

Сподели преку :

Интензитетот на воените дејствија на Блискиот Исток не се намалува, како и реториката со која преку социјалните мрежи меѓусебно комуницираат највисоките претставници на двете држави.

Во иранските ракетни напади на два града во близина на најзначајниот нуклеарен објект во Израел, Димона и Арад, биле повредени најмалку 180 лица. Според иранските државни медиуми, нападите биле одговор на нападот на нуклеарниот комплекс Натанз во исламската република во текот на претходниот ден.

Повеќе згради се уништени во иранските напади а градовите денеска ги посети и премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, кој ја искористи оваа прилика да апелира до меѓународната заедница да се приклучи на нападите против Иран, кои неговата држава и САД ги започнаа без никого да консултираат или информираат за своите намери.

„Израел и САД работат заедно за целиот свет и време е да видиме како лидерите на останатите земји ќе ни се придружат. Среќен сум да кажам дека можам да видам дека некои од нив започнаа да се движат во таа насока, но повеќе е потребно. Повикот на Претседателот Трамп до меѓународната заедница е да му се спротивстави на овој терористички, фанатичен режим на фанатици. Тоа е повик не само за безбедноста на Америка и безбедноста на Израел, туку за безбедноста на целиот свет. И време е тие да дејствуваат“ – изјави Нетанјаху.

Претходниот пат кога ја добија поддршката на целиот свет, по нападите на Хамас во Израел на 7-ми Октомври 2023-тата година, Нетанјаху и Израел го срамнија со земја појасот Газа, убивајќи над 70 000 луѓе, од кои повеќе од 20 000 се деца.

Нетанјаху вети и дека израелските одбранбени сили ќе продолжат со операциите во Иран, каде во заедничките напади на САД и Израел, досега биле убиени повеќе од 1 500 луѓе, вклучувајќи и најмалку 200 деца.

Информациите за плановите на администрацијата на Трамп во однос на војната против Иран, светот вообичаено ги дознава преку профилите на американскиот претседател на социјалните мрежи.

Во истиот ден кога најави дека САД се подготвуваат за завршување на воените операции против Исламската република, нешто пред полноќ, Трамп испрати драстично поинаква порака. Се закани дека доколку Иран целосно не го нормализира поморскиот сообраќај низ Ормутскиот теснец во рок од 48 часа, САД ќе ги нападнат и целосно уништат сите електрични централи во Иран, почнувајќи од најголемата.

На одговорот на Иран на заканите на Трамп не требаше долго да се чека. Исламската република порача дека доколку нивната енергетска инфраструктура биде нарушена, тие ќе ги таргетираат сите американски и израелски енергетски, информатички и постројки за десалинизација во регионот.

Кажете и збогум на струјата, напиша новинската агенција Мехр, објавувајќи мапа на сите електрани во Персискиот залив (во Обед.Арапс.Емирати, С.Арабија, Катар и Кувајт) кои се во досег на иранските проектили.

Официјален Техеран повтори и дека Ормутскиот теснец останува отворен за сите, освен за бродовите на непријателите на Иран.

Никола Илиевски