Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Се водат ли преговори за завршување на војната на Блискиот Исток

/

пред 194 дена

Сподели преку :

Се водат ли преговори за завршување на војната на Блискиот Исток која го наруши глобалното снабдување со нафта и земјоделски ѓубрива, или не? Американскиот претседател тврди дека Вашингтон и Техеран разговараат. Тоа е причината зошто вчера одлучи да ги одложи на пет денови нападите врз иранската енергетска инфраструктура, повлекувајќи го и ултиматумот од 48 часа.

„Сега Иран има уште една шанса да им стави крај на заканите кон Америка и нејзините сојузници, и се надеваме дека ќе ја искористат. Во секој случај, Америка и целиот свет наскоро ќе станат многу побезбедни, а побезбедна ќе биде и планетата“, рече претседателот на САД Доналд Трамп.

Дека има шанса за договор со Иран, Трамп го убедувал и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој сепак порачува дека до моментот кога тоа ќе се оствари, Израел ќе продолжи со нападите.

„Ги уништуваме ракетната и нуклеарната програма, и му нанесуваме значителна штета и на Хезболах. Пред само неколку денови елиминиравме уште двајца нуклеарни научници, а следуваат и уште други. Во секоја ситуација ќе ги заштитуваме нашите витални интереси“, кажа премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху.

Но, Техеран категорично негира дека се водат било какви преговори. Ги отфрлаат и шпекулациите за евентуален разговор меѓу специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф и иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи. Повлекувањето на ултиматумот за Иранците е демонстрација на американскиот страв дека Исламската република може да им нанесе значителна штета. Сепак, експертите не се согласуваат.

„Иран речиси сигурно има останато уште најмалку неколку стотици балистички ракети, плус голем број на дронови и поморски ракети и мини. Сепак, се сомневам дека иранската армија станува прилично загрижена, затоа што секоја испалена ракета во оваа фаза е незаменлива, барем во следниот период. Бидејќи надмоќта која американските и израелските сили ја имаат над речиси целиот Иран, а таков е случајот веќе извесен период, значи дека обидот за производство на нови во фабриките и нивниот транспорт до местата за лансирање во масовен број, во оваа фаза би било речиси невозможно“, рече Џастин Бронк од „Кралски институт“.

Во меѓувреме, светските берзи продолжуваат нервозно да реагираат на секоја информација поврзана со конфликтот на Блискиот Исток. Откако по вчерашното повлекување на американскиот ултиматум, цената на нафтата нагло падна по 100 долари за барел, денеска таа повторно скокна над таа кризна одредница.

Игор  Трајков