Сто држави биле цел на закана од манипулации и мешање со странски информации познати како ФИМИ во текот на 2025 година. Регистрирани биле 540 инциденти во кои биле вклучени 10.500 кориснички сметки, веб-страници и канали. Овие операции генерирале околу 43.000 содржини, дистрибуирани низ 19 платформи, од кои 88 проценти биле дистрибуирани преку платформата „Икс“. Речиси 65 проценти од инцидентите биле без одредено потекло, но со знаци на координација, додека 29 проценти потекнувале од Русија и шест од Кина.
На врвот на листата земји кои биле цел на ФИМИ напаци е Украина со регистрирани 112 инциденти, по што следи Франција со 107, па Молдавија со 94, Германија со 71, САД со 51 ФИМИ напад. Истовремено, речиси 200 организации и околу 140 истакнати личности биле цел на нападите. Изборните процеси сочинуваат 36 проценти од настаните поврзани со инцидентите, при што е утврдено дека Русија во нападите врз изборните процеси има пристап во три фази: делегитимизирање на лидерите, искористување на внатрешните поделби и оспорување на интегритетот на гласовите. Вакви нападис е забележани, особено, во Германија, Молдавија и Полска.
Службата за надворешни активности на Европската унија го потврдува забрзување и длабока трансформација на заканите што ги претставува манипулацијата со информации, па 2025 се означува како година на забрзување на употребата на вештачка интелигенција во операциите на манипулации и мешање со странски информации. Околу 27 проценти од инцидентите вклучуваат алатки за вештачка интелигенција, што претставува зголемување од 259 проценти, во споредба со 2024 година.
За манипулации и мешање со странски информации се користат длабоки фалсификати, клонирање на глас и автоматски генерирана повеќејазична содржина.
Франција, како втора држава кон која се насочени најголем број на манипулации и мешање на странски информации во светски рамки, пред еден месец објави Национална Стратегија за борба против манипулацијата со информации, во која меѓу другото како мерка се наведува регулирање на он-лајн платформите и генеративната вештачка интелигенција, но и обезбедување на постоење на слободен, отворен и безбеден информациски простор.
Тамара Грнчароска
Дигитална обработка: Т.Д.











