Постојат ли навистина обиди за мировен договор меѓу САД и Иран или станува збор повторно за обид на американскиот претседател, Доналд Трамп, да го дефокусира вниманието на иранските сили од неговите вистински намери. Доколку му се верува на Трамп – Иран е многу заинтересиран за постигнување договор со САД, што според него е сосема разбирливо.
„Не го нарекувајте вашиот пораз договор. Некој како нас никогаш нема да постигне договор со некој како вас“ – ова е клучната поента на одговорот на иранските власти на тврдењата на американскиот претседател. Администрацијата на Трамп тврди дека иако е тешко да се најде некој кој би можел да зборува во името на Иран, затоа што во американско-израелските напади биле убиени голем број високо рангирани претставници на власта во Техеран, тие го пронашле вистинскиот соговорник.
„Мразам да го кажам ова, но ги убивме сите нивни лидери. Потоа се состанаа за да изберат нови лидери и ги убивме сите таму. И сега имаме нова група, лесно можеме и со нив исто да направиме. Но, да видиме како ќе се покажат. Всушност, имаме промена на режимот. Знаете, ова е промена на режимот, бидејќи лидерите се многу различни од оние со кои почнавме, што ги создадоа сите проблеми“, изјави Доналд Трамп , претседател на САД.
Последниот пат кога Иранците слушнаа дека има напредок во преговорите за нивната спорна нуклеарна програма, на разговорите во Женева, американско-израелската војска започна жестоко да го бомбардира Иран, убивајќи го врховниот лидер на исламската република, Али Хаменеи. Американците преговараат сами со себе, изјави портпарол на иранската војска.
„Дали вашите внатрешни конфликти стигнаа до точка каде што преговарате сами со себе? Нашиот прв и последен збор е ист од првиот ден и ќе остане таков: некој како нас никогаш нема да постигне договор со некој како вас. Ниту сега, ниту кога било“, рече потполковникит Ебрахим Золфагари, портпарол централната команда Хатам ал-Анбија.
Медиумите во САД и Израел информираа дека администрацијата на Трамп сепак подготвила мировен план во 15 точки за властите во Техеран. Во него од Иран се бара, целосно уништување на нуклеарните објекти (кои патем Трамп веќе повеќе ги прогласи за целосно уништени); откажување од нуклеарното оружје и предавање на збогатениот ураниум; ограничување на ракетите и прекин на поддршката за сојузничките милитантни групи како Хезболах. Во замена, Иран ќе добие укинување на санкциите, помош од САД за развој на нуклеарна програма за цивилни цели и можен прекин на огнот.
Но, додека држи прес-конференции на кои по кој знае кој пат кажува дека САД победиле во војната и дека Иран е сега исклучително расположен за прекин на воените дејствија, американските медиуми објавија дека Пентагон ќе испрати околу 3000 војници од 82-та десантна дивизија на американската армија, како засилување на повеќе илјади маринци кои веќе се присутни во регионот.
Белата Куќа секако не коментира, но според одредени воени аналитичари, Пентагон можеби се подготвува за распоредување на воени единици чија задача би била да го зголемат притисокот врз Иран за отворање на Ормутскиот теснец или да го заземат островот Харг, низ кој се процесира околу 90% од нафтата која Иран ја извезува.
Никола Илиевски
Дигитална обработка: Т.Д.











