Со промоција на книгата „Филмот и пропагандата во дигиталната ера“ од Сашо Кокаланов, вечерва (25 март), во 19 часот, во книжарницата „Литература.мк“, во „Дајмонд мол“, почнува третото издание на Фестивалот за литература и општа култура „Видик“. Промотори на книгата, во издание на „Арс Ламина“, ќе бидат Елеонора Венинова, Владимир Блажевски и Отец Пимен, а модератор ќе биде Оливера Ќорвезироска.
- Кокаланов во оваа книга дава историски, контекстуален, модерен и постмодерен, наједноставно проверлив приказ на тоа што е пропаганда, какви се нејзините облици, за што служи пропагандата, за што служи пропагандата преку филмот, софистицирана е или груба, прикриена е или отворена, прикажана е на бело платно или преку стриминг-платформи, мала е или голема, се вели во дописот од „Литература.мк“. Фестивалот „Видик“, што ќе се одржи од 25 март до 8 април 2026 година, е во организација на „Литература.мк“. Програмата опфаќа промоции на книги, музички настапи, театарски изведби, филмска проекција и донаторски настан, со што фестивалот повторно ќе понуди динамична и разновидна културна програма за пошироката публика.Во четврток (26 март), во 21 часот, во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, ќе се одржи концерт на еден од најактуелните алтернативни бендови кај нас – „Фанк шуи“. Во петок (27 март), во 19 часот, на Светскиот ден на театарот, ќе се одржи промоција на книгата „Театарски приказни“ од Митко Бојаџиски, што ќе биде проследена со актерска изведба. По промоцијата, во 21 часот ќе следува џез-концерт на „Night And Day Quartet“ во состав: Јани Костурски, Оливер Јосифовски, Бојан Петков-Шамба и Павел Ренџов.На 28 март (сабота) ќе се одржи донаторски настан, поврзан со книгата „Облеката и модата, од праисторијата до денес“ од Зорка Тодорова-Младеновиќ, во организација на „Ротари клуб Скопје Центар“. На 30 март (понеделник) љубителите на театарот ќе можат да ја проследат дуодрамата „Љубовни писма“ со Игор Ангелов и Верица Недеска. На 1 април (среда), во 21 часот, е закажан концерт на „Skopje Jazz Inc.“, во состав: Трајче Велков (труба), Горан Гешоски (бас-гитара), Зоран Костадиновски (гитара) и Виктор Филиповски (тапани).
Следниот ден (2 април), по повод 21 година од објавувањето на неговиот прв албум, популарниот рапер Тони Зен ќе претстави нов премиум-сет, односно кутија што содржи два албума на винил и две стихозбирки. Настанот „Изборот на Тони Зен“ ќе биде збогатен со настап во живо на раперот со неговиот бенд.
На 3 април, во 21 часот, концерт ќе одржи познатиот трубач, композитор и бенд-лидер од Белград, Павле Михаиловиќ – претставник на новата генерација балкански џез-музичари кои ги поместуваат границите на современиот џез. Пред публиката во Скопје, тој со својот бенд премиерно ќе ја претстави музиката од претстојниот албум „New Balkan Jazz“, носејќи енергичен и современ спој на импровизација, грув-ритми и балканската музичка традиција.
Следниот ден (4 април, сабота), во 20 часот, публиката ќе ужива во промоција на изданието „Во тивок модус“ (In a Quiet Mode) од Јана Андреевска, што ќе биде проследено со пијано-изведба на Дино Имери. На 6 април е закажана промоцијата на новиот трилер од новинарот и автор Сашо Кузмановски – „Луѓе-сенки“ (во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“), со кој се заокружува трилогијата за инспекторот Џовани.На 7 април, во 19 часот, ќе се одржи интерактивната дуодрама „Те чекам“ во режија на Изабела Јакимова, со Гоце Андонов и Ангела Лефкова во носечките улоги, по што во 21 часот ќе се одржи концерт на џез-составот „Parussion Group“. За крај на третото издание, на 8 април, ќе се одржи концертна промоција на книгата „Македонскиот вокален мелос во современиот контекст“ од Вера Милошевска, вокалистка на еден од најпрепознатливите македонски етно-состави „Љубојна“. Во продолжение на вечерта ќе се одржи и настап на „Вера Милошевска трио“, со Бранислав Николов како специјален гостин.
Присуството на музичките настани и театарските изведби е со влезници. Тие се достапни во „Литература.мк“, „Дајмонд мол“ и на www.literatura.mk.
Со секоја влезница следува подарок. За влезниците купени онлајн потребно е да се покаже потврда за нарачка на каса, каде што ќе се добие печатената влезница со подарок, која потоа се приложува на влезот, велат од „ Литература.мк“.











