Американската компанија-сопственик на „Фејсбук“, „Мета“, и видеоплатформата во сопственост на „Гугл“ – „Јутјуб“ добија неповолна пресуда во судскиот процес во врска со потенцијалот за зависност од интернет-услугите.
Поротниците во Судот во Лос Анџелес дојдоа до заклучок дека платформите биле небрежни и не ги информирале соодветно корисниците за ризиците и опасностите, пренесуваат западни медиуми.
Судот ѝ досуди на 20-годишната тужителка отштета од три милиони долари, при што „Мета“ е одговорна за 70 отсто од исплатата.
Дополнително, изречена е и казнена отштета од уште три милиони долари, која двете компании треба да ја поделат во истиот сооднос. „Гугл“ и „Мета“ најавија жалба на пресудата, при што „Гугл“ тврди дека „Јутјуб“ не треба да се класифицира како социјална мрежа.
Тужителката, која во процесот се појавува под иницијалите КГМ, ги обвини платформите дека намерно ги дизајнирале услугите за да предизвикаат зависност кај корисниците, наведувајќи ја како пример функцијата за бесконечно скролање („scrolling“), објави МИА.
Таа тврди дека почнала да ги користи платформите уште како дете, што довело до депресија и анксиозност. Тужбата беше насочена против „Јутјуб“ и „Инстаграм“, додека „Снепчет“ и „ТикТок“, кои првично беа дел од процесот, се спогодија надвор од судот.











