Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Анестезиолошки техничар и лидер на „Христијанско братство“ осомничен за убиство со давење од користољубие во Охрид

/

пред 192 дена

Сподели преку :

Жарко Гроздановски е осомничениот за убиството на 76-годишниот Климе Митрески во Охрид. Беживотното тело на жртвата било пронајдено вчера во неговиот дом на улицата „Нада Филева“, каде имало и угостителски објект „Климентов конак“, кој се наоѓа во близина на Саат кулата во Охрид во стариот дел на градот.

Гроздановски по неколку часа од убиството е уапсен во тетовското село Брвеница по претходно распишана централна потерница од СВР Охрид. Полицијата извршила и претрес во домот на осомничениот и одземена е документација. СВР Охрид поднело кривична пријава против Гроздановски за убиство од користољубие.

„Во текот на денешниов ден тој е донесен тука во Охрид и изготвена е кривичната пријава. Се разбира сите понатамошни активности во насока на расветлување на кривичното дело поврзани со мотивите и се она што претходело на овој кривично правен настан се предмет на работа на јавното обвинителство и на полициските службеници од СВР Охрид и од МВР“, изјави Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.

Локални охридски медиуми јавија дека Гроздановски имал договор за издршка на жртвата во замена за неговиот имот. Митрески е еден од сопствениците на имотот од 317 метри квадратни на кој се наоѓа и угостителскиот објект „Климентов конак“ каде е и убиен. Според катастарот, поголемиот дел од имотот е на Митрески. Во меѓувреме извршена е обдукција на неговото тело.

„Обдукцискиот наод ќе покаже како е предизвикана смртта кај сега починатиот. Се работи за насилна смрт, но се она што е соодветно и потребно во таа насока на расветлување на начинот ќе го почекаме обдукцискиот наод и ансоките на јавниот обвинител“, додаде Димоски.

Гроздановски работел како анестезиолошки техничар на КАРИЛ. Тетовскиот суд во 2012 година постапувал по тужба против Гроздановски за оштетување туѓи предмети, навреда и загрозување на сигурноста. Судот го задолжил Гроздановски да му исплати 23.000 денари на име на штета и трошоци на тужителот кој бил негов соселанец од Брвеница.

Инаку, тој е еден од лидерите на „Христијанско братство“ со седиште во Брвеница, кое е формирано во 2015 година. Дел од неговите членови учествуваа во протестите што кулминираа со упадот во собранието на 27 април 2017 година. „Братството“ беше дел и од протестите против уставните измени во текот на 2018 година.

Гроздановски во 2019 година беше уапсен, бидејќи преку Фејсбук видео упати закани по живот кон тогашниот премиер Зоран Заев. Гроздановски е автор и на книгата насловена „Одмазда“, објавена во 2024 година. Во описот е наведено дека станува збор за трилер за правдата, предавството и темнините на човековото срце. На Фејсбук профилот на Гроздановски може да се види дека пред една недела се пофалил дека книгата е преведена на 16 јазици и дека е автор и на други наслови.

Марија Митевска