Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Хутите се вклучија во војната на Блискиот Исток – Иран погоди база на САД, повредени најмалку 12 американски војници

/

пред 193 дена

Сподели преку :

Ескалација наместо деескалација, нестабилност наместо оптимизам. Првично проектираниот рок на американската администрација дека сe ќе заврши за четири недели, војната на САД и Израел против Иран од денеска влегува во втор месец. Техеран утрово изврши напад врз цели во регионот на Блискиот Исток, една од нив беше американската база „Принц Султан“ во Саудиска Арабија, јавуваат американските медиуми, повикувајќи се на два извора во САД кои немаат овластување за јавни изјави.

Во нападот, како што се додава, повредени се 12 американски војници и оштетени најмалку два стратотанкера. Нападнати се и американски бази во Дубаи, пет лица се повредени во Абу Даби, оштетен е радар на меѓународниот аеродром во Кувајт. Израел и САД возвратија со ракетирање на цели во Иран. Хутите од денеска и официјално се петта страна во војната. Израел регистрира бараж на проектили кон негова територија за кои јеменската група ја презеде одговорноста.

„Јеменските вооружени сили, со помош на Семоќниот Алах и потпирајќи се на Алах, ја спроведоа првата воена операција, користејќи бараж од балистички ракети насочени кон чувствителни израелски воени објекти во окупираната Палестина“, потврди бригадниот генерал Јахја Сари, портпарол на Хутите

Во екот на меѓусебни ракетирања на Блискиот Исток, американскиот претседател Доналд Трамп во говор пред инвеститори во Мајами уште еднаш уверуваше дека армијата ги постигнува воените цели во кампањата против Иран и оти „заканата и уцените од Техеран“ се при крај.

„Вечерва сме поблиску од кога било до подемот на Блискиот Исток, кој конечно е ослободен од иранскиот терор, агресија и нуклеарна уцена. Тоа се случи. Тоа беше нуклеарна уцена со години и години. Тоа беше период на уцена. Под мое водство, Америка ја завршува заканата што ја претставува овој радикален режим, уништувајќи ги капацитетите на Иран со операцијата „Епски бес“, што никој досега не видел нешто слично. Ја имаме убедливо најмоќната војска во светот“, уверуваше Доналд Трамп, претседател на САД.

Во сенка на актуелните случувања на Блискиот Исток мина состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на Г7. Аксиос, повикувајќи се на три извора кои присуствувале на разговорите, пренесува за тензична размена на ставови меѓу шефицата на европската дипломатија, Каја Калас и американскиот државен секретар, Марк Рубио. Според нив, Калас побарала посилен притисок од САД кон Русија на што Рубио одговорил дека го прават најдоброто што можат. За аналитичарите тоа е уште еден доказ за сe подлабокиот јаз меѓу Европа и САД, сметаат дека војната со Иран само ја зголеми напнатоста на стариот континент, особено по времената дозвола на Вашингтон за продажба на руска нафта чија цена постојано расте.

Сашко Димовски