Притвор од 30 дена за осомничениот Живко Грозданоски за убиството на 76-годишниот Климе Митрески во Охрид. Грозданоски беше изведен пред судија на претходна постапка во охридскиот суд кој ги прифатил околностите кои укажуваат на опасност од бегство и можност осомничениот да ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците.
Грозданоски е осомничен дека на 25 мај од користољубие го убил Митрески. Со цел да го спречи Митрески да го расkине договорот за доживотна издршка, најпрвин вербално, па физички го нападнал во неговата куќа, а потоа и го задушил.
Синот на осомничениот, Божидар Грозданоски преку Фејсбук изрази поддршка за неговиот татко кој, како што напиша, со години совесно, чесно и пожртвувано ја извршувал својата лекарска професија.
„За жал, наместо разбирање и достоинство, сведоци сме на медиумски линч кој е најмалку потребен токму сега, кога поминуваме низ сериозна и чувствителна ситуација. Притоа, неправедно се занемаруваат стотиците луѓе на кои им помогнал, грижата што ја дал и животите кои ги спасил. Брвенчани и тетовчани, а и Македонија, многу добро знаат кој е Жарко, не само како доктор, туку и како човек“, напиша Божидар Грозданоски, син на осомничениот, на Фејсбук.
Гроздановски работел како анестезиолошки техничар на КАРИЛ. Тој беше уапсен во тетовското село Брвеница, каде живее, по претходно распишана централна потерница од СВР Охрид. Според договорот, осомничениот по смртта на Митрески требало да добие голем имот. Домот на Митрески на улицата „Нада Филева“, каде имало и угостителски објект „Климентов конак“, се наоѓа во близина на Саат кулата во Охрид во стариот дел на градот. Според катастарот, станува збор за имот од 317 метри квадратни, кој се наоѓа на атрактивна локација, а поголемиот дел е во сопственост на Митрески.
Инаку, Гроздановски е еден од лидерите на „Христијанско братство“. Дел од неговите членови учествуваа во протестите што кулминираа со упад во собранието на 27 април во 2017 година. „Братството“ беше дел и од протестите против уставните измени во текот на 2018 година.
Гроздановски во 2019 година беше уапсен, бидејќи преку Фејсбук упати закани по живот кон тогашниот премиер Зоран Заев. За кривичното дело за кое се товари е предвидена казна затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор.
Марија Митевска











