Пролетнoто расчистување низ домовите на тетовци веќе резултираше на јавните површини да се оставaат големи количини на отпад што не го собира во контејнерите. Така е на повеќе места низ градот, не се поштедени ниту зелените површини, покрај тротоарите и улиците.

Снежана Стојановска од Здружението „Вешта жена“ препорача до општинската администрација повеќе да соработува со невладиниот сектор, за кој смета дека има можност да влијае во зголемување на индивидуалната еколошка совест кај граѓаните. Со повеќе акции во текот на годината, но и поврзаност на трите страни граѓаните-комуналните служби и општината, ваквите грди слики со купишта отпад на голем број места низ Тетово, ќе бидат минато, вели таа.
„Јас одговорно тврдам дека нашето Здружение, генерално нас граѓаните од Тетово нè слушаат, нè гледаат, нè почитуваат, нè следат, нашите активности ги следат. И ако активностите нè ги поврземе, граѓаните со комуналното, со општината, па и лично фамилијарно да речеме не мора фамилијарно, во маалото, секој прво ќе гледа да се стемни и каде може да го фрли ѓубрето. Тоа е најголемата грешка“, смета Снежана Стојановска од здружението „Вешта жена“.
Идејата за поголема соработка на општината и граѓанскиот сектор во насока на подигнување на свеста и конкретни активности е прифатлива и за градоначалникот на Тетово. Тој смета дека постои потенцијал, но од друг аспект, па сподели една најава која допрва треба да се реализира.
„Имаме разговори со собирач на текстил и првичен договор со сите училишта и градинки. Ќе поставиме посебни контејнери за собирање на облека и текстил. Со тоа ќе се намали ширењето на таков отпад по контејнерите и надвор од контејнерите. Исто така е воспоставен систем на собирање на пакуваните материјали“, вели градоначалникот на Тетово, Биљал Касами.
Според Касами, идејата е по училишните ходници да има места за оставање и на електронски отпад. Дел од неговите најави се однесуваат на отворање на уште еден собирен центар за кабаст отпад во Тетово во соработка со компанијата „Саубермахер“ која го подига сметот од контејнерите и веќе има едно такво место во близина на градот.
Александар Самарџиев











