Со здравствени книшки во рацете, голем број граѓани отидоа на бесплатни превентивни прегледи во Здравствениот дом „Железничар“, по повод Светскиот ден на здравјето. Мерење на крвен притисок, висина, тежина и шеќер во крвта беа дел од прегледите, со цел рано откривање на евентуални здравствени проблеми.
„И така и така треба да направам преглед. Па, за да не одам до лабораторија, дојдов овде. Сметам дека овие акции се корисни. Во денешно време е многу тешко да се дојде до преглед и специјалист, за лабораторија е лесно, ама ова другото е проблем“, вели граѓанка.
„Случајно поминував, па дојдов на преглед. Постар човек сум. Редовно си правам контроли“, ни изјави скопјанец.
Од здравствениот дом велат дека интересот е голем и очекуваат стотици граѓани да ја искористат можноста за бесплатен преглед.
„Се вршат бесплатни прегледи на мерење на крвен притисок, тежина, висина, шеќер и холестерол во крвта. Граѓаните добиваат и дополнителни совети од медицинските тимови во однос на нивните здравствени состојби. И еден живот да биде навремено спасен е најголемиот успех кој може да го постигнеме“, рече Спасе Јанев,директорот на здравствениот дом „Железничар“.
Од македонското лекарско друштво посочуваат дека современото здравство мора да се темели на научни докази и нови технологии.
„Овој ден, оваа година, е со мотото „Медицината да биде базирана на науката“. Сите медицински практики да бидат базирани на науката. Таа напредува многу брзо, има многу технологии и нови апарати и затоа ние треба да бидеме во чекор со нив“, истакна Горан Димитров, претседател на Македонското лекарско друштво.
Светскиот ден на здравјето се одбележува секоја година на 7 април, со цел подигање на свеста за значењето на здравјето и превенцијата. Овој ден е потсетник дека навремените прегледи и грижата за здравјето можат да спасат животи.
Тамара Марковска











